Лидерите на Европската унија денеска се состануваат со цел да ја зајакнат поддршката за Украина, да го запрат подемот на популизмот и да утврдат што всушност претставува европскиот идентитет, пишува Politico.
Иако голем дел од дневниот ред опфаќа теми кои традиционално ги застапува десницата – како миграции, ограничување на социјалните мрежи и намалување на бирократијата – главните европски лидери се обидуваат да покажат дека токму тие можат да понудат конкретни решенија.
1. Клима и конкурентност
Под наслов „клима и конкурентност“, лидерите ќе дебатираат за целта на ЕУ за намалување на емисиите до 2040 година. Некои држави стравуваат дека строгите еколошки мерки би можеле да ја ослабат економијата. Урсула фон дер Лајен инсистира на зелена агенда, но ветува измени во системот на јаглеродни такси за да обезбеди поширока поддршка.
2. Критични минерали
Кина сè повеќе го контролира снабдувањето со минерали клучни за одбраната и дигиталната транзиција. Франција, Полска и Германија бараат поостар став кон Пекинг, откако Кина го прошири ембаргото на извоз на ретки метали.
3. Замрзнати руските средства
Белгија и понатаму се двоуми околу користењето на 140 милијарди евра замрзнати руски средства за финансирање на помош за Украина. Брисел стравува од правни компликации, бидејќи дел од тие средства се наоѓаат во белгиски финансиски институции.
4. Нов пакет санкции кон Русија
Сепак, ЕУ успеа да го усвои 19-тиот пакет санкции откако Словачка го повлече ветото. Мерките се насочени кон ограничување на приходите на Кремљ преку контрола на енергетската трговија и финансиските текови.
5. Купување европско оружје
Лидерите се поделени околу тоа дали Украина треба да биде обврзана да купува оружје исклучиво од европски компании, со средства од предложениот заем од 140 милијарди евра.
6. Забрана на социјални мрежи за деца
Една од најжестоките дебати се однесува на воведување минимална возраст за пристап до социјалните мрежи. Франција и Словачка бараат целосна забрана под 15 или 16 години, додека Холандија, Грција и Шпанија сметаат дека е доволна родителска дозвола.
7. Зависноста од американскиот Big Tech
Под маската на „дигитален суверенитет“, се крие ривалство меѓу Франција и Германија за тоа како Европа да ја намали зависноста од американските технолошки гиганти како Google, Meta и Microsoft.
8. Бран на дерегулација
Единствената тема околу која постои речиси целосна согласност меѓу сите 27 земји е потребата да се намали бирократијата и да се поедностават европските процедури – реток момент на единство во поделена Унија.
9. Автомобилската индустрија под лупа
Германскиот канцелар Фридрих Мерц побара од Комисијата да ја укине фактичката забрана на моторите со внатрешно согорување, со поддршка од Словачка, Чешка, Полска и Австрија.
Франција и Шпанија, пак, предлагаат поголема флексибилност во рамки на законот што предвидува забрана од 2035 година – но само за производители што ќе исполнат одредени, сè уште нејасно дефинирани критериуми за локално производство.
Во меѓувреме, словачкиот премиер Роберт Фицо претходно се закани дека ќе го блокира најновиот пакет санкции против Русија доколку не се понуди план за поддршка на автомобилската индустрија, но подоцна го повлече ветото по добиени политички отстапки.
10. Миграции – најжешката тема
Прашањето за миграциите останува едно од најчувствителните за ЕУ. Министрите за внатрешни работи веќе разговараа за нови строги мерки – создавање центри за враќање мигранти и механизми за солидарност кон земјите под најголем притисок.
Иако требаше да биде донесен конкретен план за распределба на обврските меѓу земјите членки, неговото усвојување повторно е одложено.
Во нацрт-заклучоците од самитот се наведува дека ова прашање треба да се третира како „приоритетно“, особено во контекст на растот на крајната десница во многу европски држави.
Сепак, еден висок претставник на Европската комисија изјави за Politico дека „не се очекува вистински пробив“ во четврток.