Европска комисија предложи отворање преговори со земјите од Западен Балкан за нивна интеграција во режимот на ЕУ „Roam Like at Home“. Предлогот предвидува постепено усогласување со правилата на Унијата за роаминг.
Доколку се финализираат договорите со секоја од земјите и се обезбеди целосно усогласување со регулативата на ЕУ, граѓаните ќе можат да повикуваат, испраќаат пораки и користат мобилни податоци без дополнителни трошоци за роаминг при патување меѓу ЕУ и Западен Балкан.
Од Европската комисија посочуваат дека тоа ќе значи поврзување по домашни цени не само за граѓаните и компаниите од регионот кои ја посетуваат ЕУ, туку и за патниците од ЕУ кои престојуваат во земјите од Западен Балкан.
Иницијативата треба да придонесе за поедноставна и подостапна комуникација за студентите, работниците, туристите и деловните субјекти кои патуваат или работат во рамки на регионот и Унијата.
Следната фаза подразбира почеток на преговори со секоја од земјите од Западен Балкан, по што ќе следи усогласување со европските правила за телекомуникации пред евентуалното стапување во сила на договорот.