Само девет земји од Европската Унија се на вистинскиот пат да ги исполнат целите за рециклирање на отпадот, утврдени со европското законодавство – покажува најновиот извештај на Европскиот суд на ревизори (ECA). Извештајот ги разгледува напорите на земјите-членки за управување со комунален и амбалажен отпад, вклучително и рециклирањето на пластика, метал, дрво, стакло и хартија.
Според ECA, само Австрија, Белгија, Чешка, Данска, Германија, Италија, Луксембург, Холандија и Словенија се подготвени да го исполнат двојниот европски праг: 55% рециклирање на комунален отпад и 65% рециклирање на амбалажен отпад до крајот на 2025 година. Останатите земји значително заостануваат – дел поради технички ограничувања, дел поради недоволна инфраструктура, а дел поради неспроведување на веќе постоечките правила.
Иако правилата за управување со отпад постојат веќе половина век, ревизорите предупредуваат дека имплементацијата низ ЕУ е фрагментирана и дека контролните механизми се слаби. Комуналниот отпад – од домаќинства, канцеларии и продавници – сè уште претставува 27% од вкупниот отпад во ЕУ, а голем дел од него и понатаму завршува на депонии или во инцинератори, наместо во рециклажни погони.
Дополнителен проблем претставуваат европските земји кои заостануваат во модернизацијата на своите системи. Во Грција, Полска, Португалија и Романија – земјите опфатени со ревизија – напредокот во комуналното управување со отпад бил „бавно, несистематичен и често прекинат со дополнителни трошоци“. Низа проекти финансирани од ЕУ каснеле со години и често ги надминувале планираните буџети.
Недостигот од јасна стратегија и стабилно финансирање е една од најчестите пречки. Во многу земји, моделите за пазарно стимулирање – како повисоки давачки за депонирање, поврзување на цената со количината отпад или депозитно-вратните шеми за пластика и стакло – не се спроведуваат целосно. Тоа значи дека граѓаните немаат економска мотивација да рециклираат, а компаниите немаат доволно стимул да инвестираат во современи рециклажни технологии.
Според податоците на ECA, биоотпадот и хартијата/картон сочинуваат повеќе од половина од севкупниот комунален отпад во 2022 година – 55%. Пластиката учествува со околу 10%, а дрвото со 8%. Но, токму во категоријата пластика, ЕУ се соочува со најголемите предизвици.
Ревизорите предупредуваат дека рециклажната индустрија во дел од земјите на ЕУ буквално „опстанува на раб“, поради недостаток на пазарна побарувачка за рециклирани материјали, особено рециклирана пластика. Производителите се жалат дека се соочуваат со високи енергетски трошоци, конкуренција од евтин увоз на нови (virgin) пластични материјали, но и увоз на неквалитетна рециклирана пластика од трети земји, која ја поткопува европската индустрија.
Европската агенција за животна средина во претходен извештај посочи дека синџирот на вредност за пластика е „неспојлив со еколошката одржливост“, создава огромно количество отпад и емисии, и дека Европа мора да направи „целосен премин кон кружна економија“.
Ревизорите наведуваат дури и апсурдни примери: во Романија и Полска операторите велат дека нема доволно фабрики што купуваат преработени материјали, па стаклото мора да се носи на 590 километри оддалеченост, хартијата над 570 километри, а алуминиумот дури 910 километри. Таквите транспортни рути не само што се неисплатливи, туку и создаваат нови емисии – спротивно на целите на ЕУ.
Еден од најзагрижувачките делови од извештајот е дека Европската комисија повеќе од 10 години нема извршено теренски инспекции во земјите-членки за да провери дали ги спроведуваат прописите. Казнените постапки против земјите што ги прекршиле целите за 2008 година започнале дури во јули 2024 – речиси две години по пристигнувањето на официјалните податоци. Тоа создава перцепција дека надзорот е бавен, а пореметувањата во системот се препознаваат премногу доцна.
Во обид да ја подобри ситуацијата, ЕУ веќе воведе нови мерки кои почнаа да важат од 2025 година, како засилена одговорност на производителите и унифицирање на правилата за амбалажа. Дополнително, депозитно-вратната шема ќе стане задолжителна од 2029 година за одредени типови амбалажа како пластични и стаклени шишиња, што треба значително да ја зголеми стапката на враќање.
Европската комисија исто така најави дека во 2026 година ќе го претстави новиот Акт за кружна економија, кој е замислен како документ што ќе ја дефинира финансиската и индустриската рамка за развој на рециклажните капацитети во ЕУ.
Но, аналитичарите се согласуваат: без пазар, инвестиции и доследно спроведување на политиките, целите за 2025 и 2030 година ќе останат само на хартија.
