ЕУ репарациски заем за Украина: Кој е за, а кој против?

Европската унија разгледува бескаматен репарациски заем за Украина користејќи замрзната руска средства. Прочитајте кои земји го поддржуваат и кои се против, и какви се потенцијалните последици од одлуката

Обидот на Европската унија да ѝ одобри на Украина таканаречен репарациски заем, користејќи замрзнат руски имот, длабоко ги подели клучните лидери на Унијата. Во пресрет на денешниот клучен самит, Euronews носи преглед на тоа кој го поддржува предлогот, а кој му се спротивставува.

Европската унија се соочува со огромен предизвик: како да ги покрие буџетските и воените потреби на Украина во 2026 и 2027 година.

Со оглед на тоа што Соединетите Американски Држави практично се повлекоа од финансирањето, Унијата ќе мора да ја зголеми својата финансиска поддршка за Киев на најмалку 90 милијарди евра во следните две години. Но, како да се постигне тоа?

Кога лидерите ќе се соберат во четврток за да донесат конечна одлука, на маса ќе имаат две различни решенија.
План А: издавање бескаматен репарациски заем заснован на замрзнатиот руски имот.
План Б: заедничко задолжување, пишува Euronews.

Двата плана имаат сериозни предности и недостатоци, што силно ќе ја оптовари расправата на самитот во Брисел, опишан како пресуден.

„Јасно е дека всушност нема добри опции“, изјави еден висок дипломат. „Сите опции се скапи, сложени и тешки.“

Бидејќи за заедничко задолжување е потребна едногласност, која во оваа фаза е речиси невозможно да се постигне, фокусот се префрли на План А – репарацискиот заем. Но овој предлог, без преседан во современата историја, силно ги подели лидерите на ЕУ.

Кој е „за“?

Репарацискиот заем има два силни поддржувачи: претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и германскиот канцелар Фридрих Мерц.

Фон дер Лајен првпат ја најави иницијативата во говорот за состојбата на Унијата на почетокот на септември, без да навлегува во детали. Неколку дена подоцна, Мерц во коментар за Financial Times упати страстен апел, чиј остар тон ги изненади другите европски престолнини.

Според моделот, финансиските институции што го чуваат имотот на Руската централна банка, замрзнат од февруари 2022 година, би ги пренеле готовинските средства на Европската комисија, која потоа би ѝ одобрила бескаматен заем на Украина.

Киев би започнал со отплата дури откако Москва ќе ја заврши војната и ќе ја надомести штетата од инвазијата. Дури тогаш Русија би можела да си ги поврати средствата, со што целиот круг би се затворил.

„Ова е многу јасна порака и до Русија дека продолжувањето на војната има висока цена“, изјави фон дер Лајен.

Идејата брзо доби поддршка од низа земји членки.
Трите нордиски земји – Данска, Шведска и Финска – беа меѓу првите што целосно застанаа зад заемот, отфрлајќи ново заедничко задолжување. Набрзо им се придружија Полска, Естонија, Латвија, Литванија и Ирска.

„Покрај тоа што е финансиски најизводливо и политички најреалистично решение, овој пристап го почитува основното право на Украина на обештетување за штетата предизвикана од агресијата“, наведоа тие во заедничко писмо.

Холандија, еден од најголемите донатори на Украина, исто така силно го поддржува предлогот.
Поддршка, иако потивка, доаѓа и од Шпанија и Португалија.

А Франција?

Францускиот претседател Емануел Макрон изненадувачки е воздржан, иако Франција чува околу 18 милијарди евра руски државен имот во приватни банки.

Иако Макрон не се смета за противник, неговото молчење го натера Мерц да ја преземе водечката улога.
„Ако не успееме во ова, способноста на ЕУ да дејствува ќе биде сериозно нарушена со години“, предупреди Мерц.

Кој е „против“?

Клучниот противник е Белгија и нејзиниот премиер Барт де Вевер, земја во која се наоѓа најголемиот дел од замрзнатиот руски имот.

Тој предлогот го нарече „темелно погрешен“ и полн со „повеќекратни опасности“.
„Никогаш нема да ја обврзам Белгија сама да ги носи ризиците што би произлегле од репарацискиот заем“, порача тој.

Иако преферира заедничко задолжување, Де Вевер вели дека би го прифатил заемот само ако има целосна поделба на ризикот, гаранции за ликвидност и рамномерна распределба на товарот.

Против се и Италија, Бугарија и Малта, а Чешка, Унгарија и Словачка исто така изразија силни резерви.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан категорично одбива каква било нова помош за Украина.

„Европа сака да ја продолжи војната“, изјави Орбан, предупредувајќи дека конфискацијата на рускиот имот може да значи „отворена објава на војна“.

Што може да се случи?

Теоретски, репарацискиот заем може да биде одобрен со квалификувано мнозинство – 15 земји кои претставуваат најмалку 65% од населението на ЕУ.

Но дипломатите признаваат дека наметнување одлука преку Белгија би било политички неодржливо.

Ако и двата плана пропаднат, Европската комисија ќе мора да понуди привремено финансиско решение, бидејќи на Украина ѝ се потребни нови средства веќе во април.

За украинскиот претседател Володимир Зеленски, ова не е само прашање на пари, туку и на одговорност.

„Без оваа поддршка, не гледам како Украина може економски да остане стабилна“, предупреди Зеленски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни