Бројот на депортации на лица со нерегулиран престој во Европската Унија значително се зголемил во текот на 2025 година, соопшти европскиот комесар за внатрешни работи Магнус Брунер.
Според неговите изјави, стапката на депортации пораснала од 19 отсто во 2023 година на 27 отсто во првите три квартали од 2025 година. Брунер истакна дека се очекува конечните податоци да ги надминат и бројките од 2019 година, кога беше регистрирано највисоко ниво на депортации во рамки на Европска Унија.
„Борбата против илегалната миграција мора да се води на сите фронтови – од надворешните граници, преку процедурите за азил, до ефикасното спроведување на одлуките за враќање“, изјави Брунер, пренесуваат германските медиуми.
Зголемувањето на бројот на депортации се случува во контекст на засилените напори на ЕУ за реформирање на миграциската и азилската политика, како и за подобрување на соработката со земјите на потекло и транзит.
Од Европската комисија најавуваат дека во наредниот период ќе следуваат дополнителни мерки за зголемување на ефикасноста на системот за враќање, со цел, како што велат, „да се зајакне довербата во заедничката миграциска политика и владеењето на правото“.