Во Европската унија годишно се создаваат 2,2 милијарди тони отпад, од кои повеќе од една четвртина е комунален, се наведува на веб-страницата на Европскиот парламент.
Количината на создадениот отпад варира од земја до земја, а генерално побогатите произведуваат повеќе. Иако во претходните години, гледајќи го просекот на сите земји, имаше пораст на количините на отпад, но добрата вест е што е подобрен и начинот на управување со него.
Статистичките податоци покажуваат дека во 2021 година, околу 50 отсто од комуналниот отпад бил рециклиран и компостиран во ЕУ. Некои земји-членки веќе успеаја да го достигнат, па дури и да го надминат процентот поставен во целта на ЕУ за повторно користење или рециклирање на 60 отсто од комуналниот отпад до 2030 година.
Кога станува збор за депонирањето на отпадот на депониите, процентот е намален. Тоа го покажуваат податоците кои укажуваат дека во 2017 година се одлагале 24 отсто, а во 2020 година 18 отсто од количините. Целите на ЕУ се до 2035 година тој процент да се намали на 10 проценти.
Во овој период Хрватска, Полска, Словачка, Кипар, Грција, Малта и Романија значително ги намалија количините на одложен отпад на депониите.
Извор: energetskiportal.rs