ЕУ размислува за ограничување на донациите на сперма: Се зголемува грижата од случаен инцест и психолошка траума

Во обид да се спречи зголемувањето на бројот на деца зачнати од ист донор на сперма и да се намалат ризиците од случаен инцест и пренос на генетски болести, осум земји членки на Европската Унија иницираат расправа за воведување ограничувања во областа на репродуктивната медицина.

Според податоци објавени од Politico, бројот на деца зачнати преку донации расте низ Европа, како резултат на падот на фертилитетот и сè поголемата достапност на потпомогната оплодување – како за хетеросексуални, така и за истополови парови или самохрани жени. Но, сè почести се случаите во кои донирана сперма од еден донор се користи во повеќе земји, без прецизни ограничувања или централен надзор.

Проблемот со прекуграничните донации

Иако повеќето земји во ЕУ имаат национални ограничувања (на пример, максимум 10 деца од еден донор во Франција, Италија или Полска), такви ограничувања не постојат на европско ниво, што значи дека донациите може да се користат во многу земји – со што еден донор може да има и над 50 деца. Во Холандија е забележан случај на донор кој има над 550 деца, по што му било забрането да продолжи со донации.

Дополнителен аларм предизвика случај во Франција, каде што еден донор со ретка генетска мутација што предизвикува рак бил татко на 67 деца, од кои 10 развиле малигни заболувања.

Шведска го покренува прашањето пред ЕУ

Иницијативата ја предводи Шведска, поддржана од Белгија и уште шест земји. Тие бараат воведување на централизиран европски регистар на донори, усогласување на ограничувањата за бројот на семејства по донор, како и укинување на анонимноста, во согласност со правото на децата да знаат кои се нивните биолошки родители.

Во Шведска, донирана сперма може да се користи само за шест семејства, но отсуството на европска регулатива дозволува клиники да ја продаваат во странство и така го заобиколуваат лимитот.

Индустријата предупредува: Ограничувањата можат да ја намалат понудата

Криобанките (банки за сперма и јајце-клетки) предупредуваат дека преголеми ограничувања би можеле да ја загрозат понудата. Европската банка за сперма наведува дека само 3–5% од пријавените донори го поминуваат процесот на селекција, па ако бројот на дозволени приматели се намали, ќе се зголемат трошоците и времето на чекање.

Некои банки нудат и ексклузивна донација – само едно семејство да ја користи сперматозоидата од конкретен донор, но цената за оваа опција значително е повисока и не е прецизно дефинирана.

Етички и психолошки димензии

Покрај биолошките ризици, експертите предупредуваат и на психолошката тежина: благодарение на ДНК тестовите и социјалните мрежи, сè повеќе деца зачнати од донатори откриваат дека имаат десетици или стотици полубраќа и полусестри ширум светот.

„Откритието дека имате десетици роднини кои не ги познавате е огромен психолошки шок,“ изјавил белгиски функционер за Politico. Светот станува сè помал, луѓето полесно се поврзуваат, и затоа постои реален ризик од случаен инцест, особено во земји каде што анонимноста на донаторот е законски заштитена.

Повик до Европската Унија

Во март оваа година, Шведска заедно со етичките совети од Норвешка, Финска и Данска, објавија заеднички извештај во кој повикуваат на координирана европска политика за прекугранични донации. Најавено е дека ова прашање ќе се најде пред министрите на ЕУ, со надеж за воспоставување заеднички правила, транспарентност и заштита на идните генерации.

„Ова не е само биомедицинско, туку и длабоко човечко прашање. Зборуваме за идентитет, припадност и права на децата“, порачуваат етичарите.

Во време кога технологијата овозможува чуда во репродукцијата, Европа сè погласно се прашува – каде се поставуваат границите помеѓу прогресот и заштитата на човечкото достоинство?Tools

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни