Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес објави дека ЕУ „привремено ќе го примени“ трговскиот договор со јужноамериканскиот блок Меркосур без одобрение од Парламентот.
Фон дер Лајен изјави дека Европскиот совет минатиот месец ја овластил Комисијата да започне со привремена примена на договорот штом ќе биде ратификуван од една од земјите на Меркосур.
Уругвај и Аргентина беа првите што го ратификуваа договорот ЕУ-Меркосур во четврток, а се очекува Бразил и Парагвај да го сторат тоа наскоро.
„Привремената примена е, по самата своја природа, привремена. Тоа е точно во името. Според договорите на ЕУ, договорот може да биде целосно склучен само откако ќе биде одобрен од Европскиот парламент“, рече фон дер Лајен.
Таа нагласи дека Комисијата ќе продолжи тесно да соработува со институциите на ЕУ, земјите-членки и засегнатите страни за да обезбеди непречен и транспарентен процес.
Договорот што предвидува формирање зона на слободна трговија меѓу членките на Меркосур и ЕУ, за кој се преговараше четвртина век, беше потпишан во јануари, но Европскиот парламент го запре само неколку дена подоцна и одлучи да побара мислење од Европскиот суд на правдата за неговата законитост.
Шефицата на Комисијата рече дека договорот ЕУ-Меркосур е исто така платформа за „длабок политички ангажман“ со партнери кои го гледаат светот како што го гледа Унијата, кои веруваат во отвореност, партнерство и добра волја и разбираат дека отворената трговија базирана на правила дава позитивни резултати за сите.