Официјални лица до ЕУ ги повикуваат земјите-членки да избегнуваат прекумерно трошење за ублажување на растот на цените на енергенсите, предупредувајќи дека енергетскиот шок може да прерасне во сериозна фискална криза. Европската комисија инсистира дека субвенциите, даночните олеснувања и ограничувањата на цените мора да бидат временски ограничени и строго насочени, според извори за Financial Times.
Целта е да се избегне повторување на сценариото од 2022 година, кога енергетската криза предизвика раст на инфлацијата и големи буџетски дефицити низ Европа.
Европскиот комесар за енергетика Дан Јоргенсен предупреди дека постои ризик енергетската криза да се прелее врз целата економија и нагласи потреба од координиран пристап меѓу земјите. Комисијата, според неговите изјави, обезбедува техничка поддршка за да се осигура дека мерките остануваат во рамките на фискалните можности на државите.
Податоците покажуваат дека јавниот долг во ЕУ пораснал од 77,8% од БДП во 2019 година на 82,1% во последниот квартал, што значително го ограничува просторот за нови интервенции. Геополитичките тензии и нападите на Блискиот Исток доведоа до раст на цените на нафтата и гасот во Европа за околу 60%, што ја зголеми загриженоста за можен недостиг на гориво.
Неколку земји, меѓу кои Италија, Полска и Шпанија, веќе воведоа мерки како намалување на даноците на гориво, додека други бараат поголема флексибилност во правилата за државна помош. Дополнително, се разгледува и воведување на данок на екстра профит за енергетските компании на ниво на ЕУ, со цел да се олесни товарот врз граѓаните и стопанството. И покрај мерките, дел од европските официјални лица предупредуваат дека Унијата може да се соочи со трета голема економска криза во последните шест години, по пандемијата и војната во Украина.
Претседателката на Европската Централна Баника, Кристин Лагард, изјави дека таргетираните мерки можат да помогнат, но предупреди дека широки и долгорочни интервенции би можеле дополнително да ја поттикнат инфлацијата. Слично предупредување даде и европскиот комесар за економија Валдис Домбровскис, кој истакна дека прекумерната потрошувачка може да има сериозни последици за буџетите на земјите членки.