ЕУ повторно воведе санкции кон Иран

ЕУ повторно воведува „низа рестриктивни мерки во врска со иранските активности за пролиферација на нуклеарно оружје“

Советот на ЕУ денеска донесе одлука одново да ги воведе рестриктивните мерки кон Иран поради неговите нуклеарни активности, кои беа укинати во 2015 година по стапувањето во сила на Заедничкиот акциски план, попознат како договор за иранската нуклеарна програма. 

Одлуката на ЕУ е донесена по решението на Советот за безбедност на ОН да не го продолжи прекинот на санкциите кон Иран, откако Велика Британија, Германија и Франција го активираа механизмот за враќање на мерките, предвиден со Заедничкиот акциски план. 

Според соопштението на Советот на ЕУ, блокот од 27 држави „повторно воведува низа рестриктивни мерки во врска со иранските активности за пролиферација на нуклеарно оружје“.

Одлуката е усогласена со повторното активирање на санкциите кон Иран што во саботата навечер го донесе Советот за безбедност на ОН.

Мерките се насочени кон компании, организации и поединци кои директно или индиректно придонесуваат за иранската нуклеарна програма или за развој на балистички ракети – преку обезбедување опрема, знаење или финансирање. Европскиот пакет ги опфаќа санкциите на ОН, но и дополнителни чекори, меѓу кои замрзнување на средствата на Централната банка на Иран и повеќе трговски и економски ограничувања.

Иран го осуди враќањето на санкциите како „неоправдано“, а заедно со Русија и Кина го смета потегот за незаконит.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни