ЕУ попушта под притисок: Енергетската криза ги менува строгите климатски правила

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во пресрет на самитот во Брисел најави мерки што треба да ги ублажат растечките трошоци за енергија

Европската Унија подготвува олеснување на строгите климатски правила и нова финансиска поддршка за индустријата, како одговор на енергетскиот удар предизвикан од конфликтот на Блискиот Исток.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во пресрет на самитот во Брисел најави мерки што треба да ги ублажат растечките трошоци за енергија, но јасно порача – нема да има драстични интервенции како ограничување на цените на гасот.

Наместо тоа, Брисел планира да пушти повеќе дозволи за емисии на јаглерод на пазарот и да овозможи поголема државна помош за компаниите погодени од високите цени. Целта е да се намали притисокот врз индустријата и да се избегне нов енергетски шок како оној во 2022 година.

Европа и понатаму останува силно зависна од увоз на енергенси, што ја прави ранлива на глобални кризи. Иако снабдувањето засега е стабилно, цените веќе силно растат. Само од почетокот на конфликтот, сметката за увоз на нафта и гас е зголемена за околу 6 милијарди евра, а цените на гасот скокнале за повеќе од 50 проценти.

Како дел од новиот пристап, ЕУ размислува и за ублажување на идното затегнување на системот за тргување со емисии (ETS), со цел да се постави „пореална“ патека за декарбонизација по 2030 година.

Но, овој баланс е чувствителен. Дел од земјите, како Италија, бараат порадикални мерки, додека други, како Шведска и Холандија, предупредуваат дека не смее да се ослабне главниот механизам за борба против климатските промени.

Експертите предупредуваат дека поголемата државна помош може да ги продлабочи разликите меѓу земјите членки, бидејќи побогатите економии имаат многу поголем капацитет за поддршка.

ЕУ сега се обидува да најде тенка линија – да ја заштити економијата, без да ја загрози зелената агенда. Но, со растечките цени и геополитичката неизвесност, тој баланс станува сè потежок.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни