ЕУ подготвува возвратен удар: што значат царините од 93 милијарди евра против САД

ЕУ размислува за возвратни царини од 93 милијарди евра кон САД по заканите на Трамп. Што опфаќаат мерките и што е „трговската базука“?

Заканата на Доналд Трамп дека ќе воведе царини за осум европски земји доколку не го поддржат неговиот план за купување на Гренланд дојде како шок. Но, неочекуван беше и одговорот на Европа.

Американскиот претседател изјави дека од 1 февруари ќе воведе царина од 10% на увозот во САД, која од лето би пораснала на 25% доколку не се постигне договор. Не е јасно дали овие царини би се додавале на веќе постоечките, пишува BBC.

Франција и Германија, дел од групата од осум земји во која се и Велика Британија, Данска, Норвешка, Шведска, Холандија и Финска соопштија дека Европската унија (ЕУ) треба да биде подготвена да реагира доколку Трамп ги спроведе овие мерки.

Но, какви опции има Европа за одговор на САД?

Може ли Европа да возврати со царини?

Пред помалку од шест месеци, САД и ЕУ постигнаа договор што требаше да ја стабилизира трансатлантската трговија и да обезбеди сигурност за компаниите и потрошувачите.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се врати од голф-теренот на Трамп во Шкотска со договор за царини од 15% на целата европска роба што се продава во САД – значително помалку од 30% со кои Америка претходно се закануваше.

Паралелно, Брисел подготви и пакет возвратни царини што би стапиле на сила доколку не се постигне договор со САД.

Тој пакет опфаќа американска роба во вредност од 93 милијарди евра, вклучувајќи:

  • авиони и авионски делови (вклучувајќи производи поврзани со Боинг)
  • автомобили и производи од автомобилската индустрија
  • земјоделски и прехранбени производи, како соја
  • бурбон и други алкохолни пијалаци
  • мотоцикли Harley-Davidson
  • облека, вклучувајќи фармерки
  • машини и разновидна индустриска опрема
  • медицински уреди и друга опрема

Со договорот на високо ниво, овие царини беа суспендирани додека не се разработат деталите, а Европскиот парламент требаше следната недела да го ратификува трговскиот договор.

Сепак, само неколку часа по заканата на Трамп, влијателниот германски европратеник Манфред Вебер изјави дека одобрување „во оваа фаза не е можно“.

Доколку ЕУ не го потврди договорот или не ја продолжи суспензијата, царините за американска роба ќе стапат на сила на 7 февруари, што може да создаде политички притисок врз Трамп од страна на американските компании што извезуваат во Европа.

Што е „трговската базука“ на ЕУ?

Т.н. „трговска базука“, официјално наречена Инструмент против принуда (Anti-Coercion Instrument – ACI), е закон што ѝ овозможува на ЕУ да одговори на економска уцена од земји надвор од Унијата.

Овој инструмент овозможува сериозни мерки доколку некоја држава се обиде да влијае врз „легитимни, суверени одлуки“ на ЕУ или нејзините членки.

Мерките може да вклучуваат: царини, ограничувања на увоз и извоз, рестрикции во трговијата со услуги и намален пристап до банкарски и капитални пазари

Во крајна линија, ЕУ може дури и да го блокира пристапот до голем дел од единствениот пазар, игнорирајќи постојни меѓународни договори.

Сепак, ова се смета за брза опција.

Целта на „базуката“ не е директна примена, туку да ги натера другите земји да седнат на преговарачка маса. Нејзината употреба би можела да предизвика сериозна економска штета и во самата ЕУ.

Покрај тоа, механизмот не е брз: до 4 месеци за истрага, до 6 месеци за преговори и до 10 недели за одобрување од земјите членки

Тоа значи дека, дури и ако Европската комисија веднаш реагира, може да помине и до една година пред мерките реално да стапат на сила.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни