ЕУ подготвува голем план за пристапно домување

Растечките цени на недвижностите претставуваат сериозен проблем за граѓаните низ целата Европска Унија, од Лисабон до Талин а Брисел оваа недела најави конкретни чекори за справување со станбената криза.

Европската комисија ќе го усвои својот прв План за пристапно домување, а надлежниот еврокомесар Дан Јоргенсен порача дека е време за решителна акција, пренесува „Политико“.

„Ова е вистинска криза и не е доволно само да зборуваме за неа“, изјави Јоргенсен. Новиот пакет мерки има за цел да ослободи јавни средства за изградба на нови домови, да ги следи шпекулациите на пазарот на недвижности и да им даде алатки на регионалните и локалните власти за ограничување на краткорочните изнајмувања, кои придонесуваат за недостиг на станови.

Според Јоргенсен, планот ќе биде комбинација од конкретни активности на ниво на ЕУ и препораки што земјите членки можат да ги применат, без пречекорување на надлежностите на Унијата. Тој предупреди дека станбената криза погодува милиони луѓе и дека неактивноста им оди во прилог на десничарските популисти, кои незадоволството од високите цени веќе го искористија за изборни победи во Холандија и Португалија.

Пари, алатки и поголема транспарентност

Најконкретната мерка што се очекува е ревизија на правилата за државна помош, со што на националните влади ќе им се олесни финансирањето на изградбата на пристапни станови. Досега, јавните средства главно можеа да се користат за домување на семејства со ниски приходи, но новите правила ќе овозможат поддршка и за други групи што се истиснати од пазарот поради високите цени, вклучително и лица со средни приходи.

Пакетот ќе понуди и алатки за регулирање на туристичките апартмани, кои ја влошуваат станбената состојба во градови како Барселона, Фиренца и Прага. Јоргенсен нагласи дека не се залага за целосна забрана на краткорочните изнајмувања, но предупреди дека тие се прошириле со темпо што никој не го очекувал и дека во некои преоптоварени подрачја сочинуваат и до 20 проценти од вкупниот станбен фонд.

Одлуката дали и како ќе се користат овие алатки ќе остане во надлежност на националните, регионалните и локалните власти. „Никого нема да присилуваме на ништо“, рече Јоргенсен, додавајќи дека земјите кои сметаат дека сегашната состојба е прифатлива можат да ја задржат.

Борба против шпекулациите

Планот предвидува и засилено следење на шпекулациите на пазарот на недвижности. Јоргенсен оцени дека станбениот фонд во Европа сè почесто се третира како „злато или биткоин“, односно како инвестиција за профит, наместо како основна социјална потреба. „Да се има покрив над главата и пристоен дом е човеково право“, нагласи тој.

Како прв чекор, ЕУ ќе собира податоци за обемот на шпекулациите, иако комесарот призна дека понатамошните регулативи ќе бидат политички чувствителни. Сепак, оцени дека одредена регулација е неопходна за правилно функционирање на внатрешниот пазар.

Пакетот на Комисијата вклучува и нова стратегија за градежниот сектор, со цел намалување на бирократијата и воведување заеднички стандарди, за материјалите произведени во една земја полесно да се користат во друга. Дел од планот е и справувањето со бездомништвото, кое, според проценките, погодува повеќе од еден милион луѓе во Европа.

„Времето на шпекулациите мора да заврши“

Лидерката на групата на Социјалистите и демократите во Европскиот парламент, Ираче Гарсија, која ја поддржа иницијативата, изјави дека со овој план Европа достигнува „историска пресвртница“.

Таа предупреди дека ЕУ се соочува со „социјална вонредна состојба“, наведувајќи дека цените на становите пораснале за 53 проценти, а кириите за 25 проценти, додека 62 проценти од населението стравува дека нема да може да си обезбеди дом. Според неа, повеќе од 1,2 милиони луѓе во Европа, меѓу кои и 400.000 деца, моментално се без дом.

Гарсија повика на брза и амбициозна примена на планот, со инвестиции од 300 милијарди евра за пристапно и квалитетно домување, од кои најмалку 100 милијарди преку субвенции и државна помош. Таа истакна дека е неопходно регулирање на краткорочниот наем на европско ниво, заштита на станарите и јасен план за искоренување на бездомништвото до 2030 година.

„Времето на шпекулациите мора да заврши, затоа што правото на дом е над профитот на малкумина“, порача Гарсија.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни