Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека Комисијата наскоро ќе претстави голем инвестициски пакет за Гренланд, регион во кој, како што истакна, досега не се инвестирало доволно.
„Работиме на зајакнување на односите меѓу ЕУ и Гренланд и, како дел од тие напори, Комисијата наскоро ќе предложи значаен пакет на инвестиции“, изјави фон дер Лајен по завршувањето на вонредниот самит на Европската унија, посветен на трансатлантските односи.
Самитот беше свикан откако американскиот претседател Доналд Трамп испрати пораки дека сака да го анектира Гренланд – арктички остров кој е дел од Кралството Данска. Неговите изјави во Давос дека нема да употреби сила за преземање на островот и дека нема да воведе дополнителни царини за европските земји беа пречекани со олеснување од страна на европските лидери.
Фон дер Лајен нагласи дека Европската унија досега недоволно инвестирала во Арктикот и во арктичката безбедност, и дека новиот инвестициски пакет има за цел да ја поправи таа состојба.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, на заедничката прес-конференција изјави дека САД и ЕУ имаат заеднички интерес кога станува збор за безбедноста во арктичкиот регион. Тој ја поздрави и најавата на Трамп дека нема да воведе нови царини за европските држави.
Говорејќи за т.н. „Одбор за мир“, инициран од американскиот претседател, Коста истакна дека ЕУ има „сериозни сомнежи“ во врска со повеќе елементи од неговата повелба, особено во однос на надлежностите, управувањето и усогласеноста со Повелбата на Обединетите нации.
Коста и фон дер Лајен исто така изјавија дека лидерите на земјите-членки сакаат трговскиот договор со земјите од Меркосур привремено да се применува, и покрај одлуката на Европскиот парламент да ја одложи ратификацијата, додека Судот на ЕУ не утврди дали договорот е во согласност со европските договори.
„Во врска со Меркосур, прашањето за привремената примена беше покренато од неколку лидери вечерва и постои јасен интерес да се осигури дека придобивките од овој важен договор ќе се применат што е можно побрзо“, изјави фон дер Лајен.
