ЕУ планира трајна забрана за увоз на руска нафта – датумот на објавата е симболичен

Европската комисија подготвува закон за трајна забрана на увоз на руска нафта, кој треба да биде објавен веднаш по изборите во Унгарија. Одлуката може дополнително да ги продлабочи поделбите во ЕУ.

Европската комисија планира во средината на април да предложи закон со кој трајно би се забранил увозот на нафта од Русија, објави Reuters, повикувајќи се на документ во кој имал увид.

Предлог-законот треба да биде објавен на 15 април, само три дена по парламентарните избори во Унгарија. Според два извори на кои се повикува агенцијата, датумот е внимателно избран за прашањето за забраната на увозот на руска нафта да не стане главна тема во предизборната кампања.

Исклучоци и прекин на испораката преку „Дружба“

Европската унија уште во 2022 година го забрани увозот на руска нафта што се транспортира по морски пат. Сепак, исклучоци добија земјите без излез на море – Чешка, Унгарија и Словачка – на кои им беше дозволено да увезуваат руска нафта доколку испораката преку нафтовод не е возможна.

Испораката преку нафтоводот Дружба беше прекината на 27 јануари по руски напад со дронови. Унгарија ја обвини Украина дека го одложува поправувањето на нафтоводот и поради тоа го блокира 20-тиот пакет санкции на ЕУ против Русија, како и заемот од 90 милијарди евра за Украина. На Будимпешта ѝ се приклучи и Словачка.

Намалена зависност, но не за сите

Според податоците за последниот квартал од минатата година, ЕУ увезувала само околу 1 процент руска нафта. Сепак, Унгарија и Словачка речиси воопшто не ја намалиле својата зависност од руските енергенси и и понатаму се речиси целосно зависни од нив.

Минатиот месец, Европската унија донесе закон со кој се предвидува целосен прекин на увозот на руски гас од есента 2027 година. Унгарија и Словачка најавија дека ќе се борат против оваа одлука пред Судот на ЕУ.

Со новиот закон, Европска комисија има намера дефинитивно да ја затвори можноста за увоз на руска нафта, што би претставувало дополнителен чекор кон енергетска независност од Москва, но и потенцијален извор на нови тензии внатре во Унијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни