ЕУ планира енергетска револуција во Северното Море: Струјата може да поевтини за 30% до 2040

Министрите оценија дека реализацијата на овие планови може да доведе до намалување на цените на струјата за околу 30% до 2040 година, во споредба со нивото од 2025 година.

Министрите за енергетика на неколку европски земји се собраа во Хамбург и се обврзаа значително да го зголемат капацитетот на офшор ветерните електрани во Северното Море, со цел намалување на цените на електричната енергија и зајакнување на енергетската независност на Европа.

Вкупно девет европски влади – Белгија, Данска, Франција, Ирска, Луксембург, Холандија, Обединетото Кралство, Норвешка и Исланд заедно со претставници на ветерната индустрија, потпишаа декларација за зголемување на офшор ветерниот капацитет на 100 гигавати (GW). НАТО, исто така, учествуваше во иницијативата.

Министрите оценија дека реализацијата на овие планови може да доведе до намалување на цените на струјата за околу 30% до 2040 година, во споредба со нивото од 2025 година.

Договорот доаѓа само неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп јавно ги критикуваше климатските и енергетските амбиции на Европа. Британскиот министер за енергетска безбедност и нето-нулта емисии, Ед Милибанд, ги отфрли тие критики, нагласувајќи дека чистата енергија е „вистинскиот избор“.

„Нашиот пристап кон офшор ветерната енергија е прагматичен. Ова е енергија за победници. Многу е јасно каде се нашите национални интереси“, изјави Милибанд.

Еврокомесарот за енергетика Дан Јоргенсен истакна дека обновливите извори се поевтини од фосилните горива и можат значително да ги намалат сметките за домаќинствата и бизнисите. Сепак, тој призна дека процесот на изградба на нови ветерни паркови е бавен, но изрази надеж дека предложените регулаторни олеснувања ќе го забрзаат издавањето дозволи.

Ирскиот министер за клима и енергетика Дараг О’Брајан нагласи дека е неопходно да се инвестира во силна електрична мрежа и прекугранични интерконекции, за целосно искористување на обновливата енергија.

Земјите учеснички потврдија дека целта е 300 GW офшор ветерна енергија до 2050 година, договор постигнат уште во 2023 година во Остенде, по руската инвазија на Украина, која ја засили загриженоста за зависноста на Европа од рускиот гас.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц истакна дека соработката во Северното Море е клучна за безбедноста на Европа, со цел регионот да се развие во „најголемиот резервоар на чиста енергија во светот“.

Иако Европската Унија моментално заостанува зад поставените цели, со околу 37 GW инсталиран офшор капацитет во 2025 година, лидерите сметаат дека новите финансиски механизми, како договори за разлика и прекугранични договори за купување струја, ќе привлечат до 1.000 милијарди евра инвестиции во следната деценија.

Извор – Euronews

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни