Кога Орбан вели „не“, ЕУ подготвува план Б за Украина

Европската Унија разгледува алтернативни механизми за финансиска поддршка на Украина доколку Унгарија продолжи да го блокира заемот од 90 милијарди евра.

Европската Унија бара алтернативни начини да ѝ обезбеди финансиска помош на Украина, дури и ако Унгарија и Словачка продолжат да го блокираат заедничкиот заем од 90 милијарди евра.

Според информации на Politico, дипломати од ЕУ велат дека балтичките и нордиските земји разгледуваат план за обезбедување околу 30 милијарди евра преку билатерални заеми. Ова решение би овозможило финансиска поддршка за Киев без да биде потребна едногласна одлука на сите членки на Унијата.

Лидерите на ЕУ треба да се состанат следната недела во Брисел, каде ќе се обидат да го убедат унгарскиот премиер Виктор Орбан и словачкиот премиер Роберт Фицо да го поддржат заемот. Парите се сметаат за клучни за финансирање на украинските воени и буџетски потреби до крајот на 2027 година.

Еврокомесарот за економија Валдис Домбровскис изјави дека Унијата е решена Украина да ја добие финансиската помош „на еден или на друг начин“, и покрај политичките блокади.

Украина моментално има средства да остане финансиски стабилна до почетокот на мај, делумно благодарение на заем од 8,1 милијарда долари од Меѓународниот монетарен фонд.

Блокадата дојде откако руските напади со дрон го оштетија нафтоводот „Дружба“, кој преку Украина носи руска нафта до Унгарија и Словачка. Орбан ја обвини Украина дека намерно го одложува поправувањето на нафтоводот и го повлече претходното ветување за поддршка на заемот.

Во Брисел и Киев се надеваат дека ситуацијата може да се промени по унгарските парламентарни избори закажани за 12 април, кога евентуална политичка промена би можела да ја деблокира одлуката за финансиската помош.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни