Конференцијата го означи почетокот на нов сет поглавја од преговорите меѓу Албанија и ЕУ — „Внатрешен пазар“. Овој пакет ги опфаќа поглавјата: слободно движење на стоки, работници, капитал, право на основање и слобода на давање услуги, право на трговски друштва, интелектуална сопственост, конкуренција, финансиски услуги и заштита на потрошувачите и здравјето.
Премиерот Еди Рама изјави дека Албанија останува целосно посветена на отворање и затворање на сите поглавја до 2027 година, и изрази благодарност до земјите членки на ЕУ и Европската комисија за брзото и „мазно“ отворање на новите поглавја.
Министерот за надворешни работи на Полска, Радослав Сикорски, во име на полското претседателство со Советот на ЕУ, истакна дека овие поглавја се клучни за економската интеграција на Албанија во внатрешниот пазар на ЕУ. Реформите што се бараат ќе донесат поголема економска усогласеност со ЕУ, нови можности за трговија и ќе ја направат Албанија попривлечна за странски инвестиции.
Тој додаде дека огромното мнозинство од албанските граѓани ја поддржуваат европската перспектива на земјата, што претставува дополнителен поттик за ЕУ да го забрза преговарачкиот процес.
Комесарката за проширување, Марта Кош, порача дека денешните дискусии испратија јасна порака – ЕУ стои зад интеграцијата на земјите од Западен Балкан, кои остануваат еден од врвните приоритети на Унијата заради стабилноста и безбедноста на регионот.