Европската комисија одобри финансиски пакет во вредност од 171 милион евра за подобрување на инфраструктурата и развој на приватниот сектор во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија.
Како што е најавено, средствата се дел од поширок план на ЕУ за зајакнување на одржливиот раст и регионалната поврзаност во Западен Балкан и доаѓаат од неколку финансиски инструменти, вклучувајќи ги ИПА III, Инвестициската рамка за Западен Балкан и Инструментот за реформи и раст.
Од вкупниот износ, 91,8 милиони евра се наменети за инфраструктурни проекти во областите на енергетиката, транспортот, дигитализацијата, образованието и заштитата на животната средина, со очекување дека тие ќе мобилизираат повеќе од 260 милиони евра вкупни инвестиции, објавува агенцијата Бета.
Дополнителни 2,9 милиони евра се издвоени за техничка помош во Албанија и Босна и Херцеговина, додека 76,3 милиони евра ќе бидат насочени кон поддршка на програми за приватниот сектор, вклучувајќи ги малите и средните претпријатија, зелената транзиција и зајакнувањето на јавно-приватните партнерства.
Европската комисија истакнува дека целта на пакетот е да се создадат конкретни економски можности и да се забрза приближувањето на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија.
