Амбасадорите на земјите членки на Европската Унија го отфрлиле предлогот на Европската комисија за т.н. „обратно проширување“, модел кој предвидува земјите кандидатки да добијат членство во ЕУ со ограничени привилегии и право на глас.
Според „Политико“, предлогот бил разгледуван на вечера во Брисел меѓу амбасадорите на ЕУ и шефот на кабинетот на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, Бјорн Зајберт. Сепак, идејата на Комисијата наишла на силен отпор од дипломатите.
Планот на Брисел предвидуваше нов модел за проширување, кој треба да спречи идните членки да се претворат во „нова Унгарија“, односно земји што по влезот во Унијата ќе почнат да отстапуваат од демократските стандарди и владеењето на правото.
Црна Гора како тест за новиот модел
Според извори од Европската комисија, Црна Гора би можела да биде првата земја на која ќе се тестира новиот пристап кон проширувањето.
Целта е во пристапниот договор да се вметнат долгорочни заштитни механизми кои би му овозможиле на Брисел да реагира доколку земјата назадува во демократијата или владеењето на правото.
Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ изјави дека разговорите за новиот модел се во тек, но дека сè уште не е познато како точно ќе изгледа финалниот договор.
Франција главна пречка
Иако Европската комисија работи на нов нацрт-договор за пристапување на Црна Гора, не сите земји членки се подготвени да го поддржат процесот.
Според дипломатски извори, Франција е најрезервирана, особено пред претседателските избори во 2027 година, поради што Париз засега не дава зелено светло за забрзување на проширувањето.
Во меѓувреме, Црна Гора има уште 20 преговарачки поглавја што треба да ги затвори за да ја оствари амбициозната цел да стане 28. членка на ЕУ до 2028 година.
Иако Европската комисија смета дека тоа е технички возможно, дипломати предупредуваат дека политичките пречки може значително да го забават процесот.