Советот на Европската Унија во понеделник постигна согласност за назначување на Андрес Ритер за нов европски главен обвинител на Европското јавно обвинителство, со почеток од 1 ноември 2026 година.
Европскиот главен обвинител се назначува со мандат од седум години, кој не може да се обнови. Мандатот на актуелната европска главна обвинителка Лаура Кодруца Ковеши истекува на 30 октомври 2026 година.
Андрес Ритер се приклучил на германското обвинителство во 1995 година и во текот на кариерата раководел со повеќе обвинителства. Од 2020 година ја извршува функцијата заменик европски главен обвинител.
Што е Европското јавно обвинителство
Европското јавно обвинителство е независна институција на Европската Унија која е задолжена за истраги, кривично гонење и изведување пред суд на сторители на кривични дела што ги загрозуваат финансиските интереси на Унијата, како што се измами, корупција и прекугранични измами со ДДВ во вредност поголема од 10 милиони евра.
Институцијата ги води истрагите и обвиненијата пред надлежните судови во земјите членки на ЕУ.
Првиот европски главен обвинител, Лаура Кодруца Ковеши, беше назначена во 2019 година. До крајот на 2025 година, Европското јавно обвинителство водело 3.602 активни истраги, со проценета штета за буџетот на ЕУ и националните буџети од повеќе од 67,2 милијарди евра.
Европските обвинители, заедно со европскиот главен обвинител, ја формираат колегијата на Европското јавно обвинителство, која врши надзор над истрагите и кривичните постапки.
Советот на ЕУ назначува по еден европски обвинител од секоја од 24-те земји членки кои учествуваат во оваа институција. Меѓу нив се: Австрија, Белгија, Бугарија, Германија, Грција, Естонија, Италија, Шпанија, Кипар, Латвија, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Финска, Франција, Хрватска, Шведска и Чешка.