Во време кога водечките донатори се повлекуваат од Блискиот Исток, а меѓународните хуманитарни организации се соочуваат со невиден притисок, Европската комисија потврди дека оваа година ќе додели 458 милиони евра хуманитарна помош за Палестина, Либан, Сирија, Јордан и Египет.
Сирија ќе добие 210 милиони евра за итна интервенција за заштита на животите низ целата земја каде што, по повеќе од една година од падот на режимот на Асад, хуманитарна помош сè уште е потребна за 16,5 милиони луѓе.
Во Палестина, ЕУ ќе поддржи помош во храна, здравствена заштита, засолништа и образование со 124 милиони евра, а помошта ќе ја достават партнерите во исклучително тешки услови. Помош е потребна, како што наведува Комисијата, за повеќе од 3,3 милиони луѓе.
Оваа година, Либан ќе добие хуманитарна помош од ЕУ од сто милиони евра за итна здравствена заштита, основна помош за семејствата кои немаат ништо, домување и образование за децата кои не одат на училиште.
Јордан ќе добие 15,5 милиони евра за основни услуги како што се здравството и потребите на бегалците во и надвор од камповите, а Египет ќе добие 8 милиони евра за мултисекторска помош за најранливите.
Европскиот комесар за подготвеност и управување со кризи, Хаџа Лабиб, истакна дека на Блискиот Исток, кој е разорен од војна, ЕУ го зголемува своето присуство, додека другите се повлекуваат.
„Мора да бидеме со нив. Меѓународното хуманитарно право постои за да ги заштити и Европа ќе го брани. Ќе продолжиме да обезбедуваме помош што спасува животи сè додека е потребно“, рече европскиот комесар.