ЕУ лансира апликација за помалку редици на аеродромите – ќе го реши ли хаосот на границите?

Новата апликација „Патување во Европа“ треба да ги скрати редиците на аеродромите и да го олесни влезот во ЕУ по проблемите со системот EES.

Долгите редици на аеродромите во Европа, особено на граничните контроли, наскоро би можеле да станат минато. Европска унија претстави нова мобилна апликација наречена „Патување во Европа“, со цел да ги забрза процедурите и да го намали метежот.

Апликацијата е воведена како одговор на проблемите со Системот за влез/излез (EES), кој од своето воведување предизвика доцнења и долги чекања на границите.

Како функционира? Патниците од трети земји ќе можат однапред да ги внесат своите лични и патни податоци, како и да пополнат краток прашалник – до 72 часа пред пристигнување. Иако апликацијата не ја заменува граничната контрола, таа треба значително да го скрати времето на проверка.

Прво ќе се тестира на аеродромот во Лисабон, а потоа постепено ќе се прошири и на други европски аеродроми.

Токму Лисабон беше во центарот на проблемите. Европската комисија по ненајавена контрола утврди „сериозни недостатоци“ во граничната безбедност, што ја натера владата на Португалија привремено да го суспендира системот EES.

Како итна мерка, на аеродромот беа распоредени дополнителни сили од Националната републиканска гарда за да се намалат редиците.

Но, проблемот не е изолиран. Со постепеното воведување на EES, и други земји од ЕУ се соочија со чекања кои во некои случаи достигнуваа и до три часа – дури и во раните утрински часови.

Новата апликација сега се гледа како клучен тест: дали технологијата конечно ќе донесе ред на европските граници, или ќе биде само уште еден обид да се реши систем што сè уште „заглавува“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни