Европската Унија го објави новиот Извештај за напредокот на Северна Македонија, во кој се нотира дека земјата и понатаму заостанува во усогласувањето на правната и институционалната рамка со европските стандарди за недискриминација и родова еднаквост.
Во документот се нагласува дека усогласувањето на принципите на еднаквост и недискриминација во сите релевантни закони доцни, а како посебен проблем се издвојуваат изминатите измени на Законот за основно и средно образование и Законот за учебници, кои беа донесени по скратена постапка и без консултација со засегнатите страни. Со овие измени, од наставните програми се отстранети содржини поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје и родовата еднаквост.
Организацијата ХЕРА (Асоцијација за здравствена едукација и истражување) реагираше веднаш по објавата на извештајот, оценувајќи дека овие измени претставуваат чекор наназад во процесот на европска интеграција и дека ја поткопуваат суштината на европските вредности и човековите права.
„Отстранувањето на содржини кои едуцираат за родова еднаквост и сексуално образование значи загуба на една од најважните превентивни алатки против насилство и дискриминација. Наместо усогласување со европските стандарди, сведоци сме на регресија“, велат од ХЕРА.
Во делот за родова еднаквост и борба против родово базираното насилство, ЕУ нотира дека институционалната рамка останува нецелосна, а механизмите за спроведување и заштита треба значително да се подобрат.
Иако државата ја има усвоено Националната стратегија за родова еднаквост (2022–2027), ЕУ оценува дека нејзината примена е недоволна, а усогласувањето со европското законодавство и меѓународните стандарди е бавно.
Дополнително, Унијата забележува дека говорот на омраза базиран на род и нападите кон бранителките на човекови права остануваат чести, особено на социјалните мрежи. ЕУ предупредува и дека промената на одредени општински политики – од терминот „родова еднаквост“ кон „еднаквост меѓу мажи и жени“ – го нарушува концептот на родова перспектива и создава погрешна претстава за европските стандарди.
Од ХЕРА потсетуваат дека усогласувањето со европското законодавство не е формалност, туку обврска на државата, и повикуваат на конкретни чекори: повлекување или ревидирање на спорните законски измени; јавна и стручна дебата пред идни измени во образованието; јасен план и буџет за имплементација на Стратегијата за родова еднаквост; како и засилување на институционалната заштита од родово базирано насилство и говор на омраза.
Во делот за граѓанското општество, Европската Унија нотира дека иако организациите сè уште функционираат во поволна средина, просторот за граѓанско делување постепено се стеснува, при што се бара поголема транспарентност во државното финансирање и јасна институционална рамка за соработка со невладиниот сектор.
Организациите потсетуваат дека европската интеграција не се мери само со усвоени закони, туку со нивната примена и почитување на суштинските вредности — еднаквост, недискриминација и човеково достоинство.