ЕУ истрага тресе 11 грчки пратеници поради земјоделски субвенциски скандал

Случајот со европските земјоделски фондови отвори нов политички потрес во Грција и го зголеми притисокот врз владата.

Грчката влада се соочува со нов политички притисок откако Европското јавно обвинителство побара од парламентот во Атина да им го укине имунитетот на 11 актуелни пратеници во рамки на истрага за можна организирана измама со европски земјоделски субвенции.

Според Европското јавно обвинителство, истрагата се однесува на сомнежи за организирана измама со средства од европските земјоделски фондови, а покрај 11 актуелни пратеници, под истрага се и пет поранешни членови на парламентот. Поради тоа, предметот мора да помине и низ грчката парламентарна процедура, бидејќи за натамошно процесирање е потребно укинување на имунитетот.

Reuters објави дека во основата на скандалот се наведува практика со која дел од корисниците лажно пријавувале земјиште или добиток за да добијат европска помош за која немале право. Истиот извор потсетува дека Европската Унија веќе ја казнила Грција со 392 милиони евра поради лошо управување со земјоделските субвенции во периодот од 2016 до 2023 година.

Во меѓувреме, eKathimerini јави дека во истрагата се спомнуваат и актуелни владини функционери, меѓу нив министерот за рурален развој Костас Цијарас, министерот за цивилна заштита Јанис Кефалојанис и заменик-министерот за здравство Димитрис Варцопулос, како и секретарот на владејачката Нова демократија, Костас Скрекas. Според истиот извештај, се очекуваат оставки и нова реконструкција на владата.

Овој скандал е дел од поширока истрага што со месеци ја потресува грчката политика. Reuters уште на 1ви април објави дека еден министер и четворица високи владини функционери веќе поднеле оставки поради нивната можна поврзаност со случајот, што покажува дека последиците од истрагата веќе се чувствуваат и на највисоко ниво.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни