Европска унија ги повика земјите членки да ги намалат целите за складирање на природен гас и постепено да почнат со полнење на залихите со цел да се ограничи побарувачката, додека цените на енергенсите растат поради американско-израелската војна против Иран, пишува Financial Times.
Комесарот за енергетика Дан Јоргенсен побара од земјите членки да ја намалат целната пополнетост на нивните складишта на гас на 80% од капацитетот, што е 10 процентни поени под официјалната цел на Унијата. Според писмото што го цитира весникот, тоа треба да се направи „што е можно поскоро во сезоната на полнење, за да се гарантира сигурноста и да се смири пазарот“.
Европската комисија веднаш не одговори на барањето за коментар.
Последици од конфликтот на Блискиот Исток
Цените на гасот во Европа во четвртокот скокнаа за дури 35% откако во ирански и израелски напади беа оштетени некои од клучните инфраструктурни гасни објекти на Блискиот Исток. Се проценува дека за поправка на настанатата штета ќе бидат потребни повеќе години.
Јоргенсен во писмото наведе дека снабдувањето со енергија во ЕУ „останува релативно сигурно“, но повика на „заеднички одговор“ на конфликтот. Тој предупреди и дека „неодамнешните настани укажуваат дека враќањето на производството на течен природен гас на нивоата пред кризата би можело да потрае подолго“, пренесува FT.
Залихите на гас во складиштата се клучни бидејќи ѝ овозможуваат на Европа да ја задоволи зимската побарувачка за греење и електрична енергија, со што се поддржува енергетската безбедност на регионот.
„Мораме да ги направиме целите пофлексибилни“, изјави еден функционер на ЕУ за весникот.
Следствено, Комисијата уште во средата им наложи на владите флексибилно да ги применуваат правилата на ЕУ за увоз на гас. Овој потег е осмислен за да се спречи законодавството за постепено напуштање на руските енергенси ненамерно да ги попречи испораките клучни за стабилизирање на снабдувањето за време на кризата во Иран.