Земјите од Европската Унија и Африканската Унија ја нагласија важноста на поблиската соработка меѓу двата континента на крајот од нивниот дводневен самит во главниот град на Ангола, Луанда.
„Гледајќи напред, решени сме дополнително да го унапредиме нашето партнерство и да отвориме нови можности“, се наведува во заедничката декларација во која се истакна економската соработка, трговијата и инвестициите.
Заедничката изјава, исто така, се осврна на претходните обврски за финансирање на климатските промени и промоцијата на обновлива енергија во Африка.
Двете унии заеднички ја нагласија потребата од решавање на конфликтите низ целиот свет.
„Ја повторуваме нашата непоколеблива поддршка за праведен, сеопфатен и траен мир во Украина, окупираната палестинска територија, Судан, Јужен Судан, Демократска Република Конго, Сахел, Сомалија и во другите војни и конфликти низ целиот свет“, се наведува во заедничката изјава од самитот.
„Ги осудуваме злосторствата извршени во Ел-Фашер од страна на РСФ по неодамнешното заземање на градот и повикуваме на итен прекин на непријателствата и непречен пристап до хуманитарна помош низ целата земја“, се наведува во декларацијата за ситуацијата во суданскиот регион Северен Дарфур.
Обединетите наци ја опишуваат војната во Судан, која трае веќе две и пол години, како најголема хуманитарна криза во светот во овој момент.
Двете страни ја потврдија својата посветеност на демократијата, доброто управување, владеењето на правото, човековите права и слободата на медиумите. Во декларацијата, меѓутоа, не се споменуваат кршења на човековите права.
