Нова студија поддржана од Европската унија ја откри вистинската длабочина на родовиот јаз во инвестициите, со посебен фокус на секторот deep tech – технологии кои ќе ја одредуваат економската отпорност, безбедноста и индустриската конкурентност на Европа во наредните децении.
Deep tech компаниите се темелат на научни откритија и напредно инженерство, најчесто произлезени од универзитети и истражувачки лаборатории. Тука спаѓаат области како вештачка интелигенција, напредни материјали, полупроводници, роботика, квантни технологии, климатски и енергетски системи, како и здравство и биотехнологија.
За разлика од класичните дигитални стартапи, овие компании бараат долг развоен циклус, високо специјализирана експертиза и значителен почетен капитал пред да стигнат до пазарот.
Алармантни бројки
Иако родово раздвоени податоци постојат, тие се фрагментирани и неусогласени меѓу земјите. Новата иницијатива има за цел да создаде заедничка европска база на податоци која транспарентно ќе го мери родовиот јаз во инвестициите.
Првичните резултати се загрижувачки. Стартапи со најмалку една жена основач учествуваат во само 14,4% од инвестициските рунди. Тие добиваат само 12% од вкупното венчр капитал финансирање. Во deep tech секторот, околу 80% од компаниите се основани од машки тимови. Тие привлекуваат речиси 90% од инвестициите
Со оглед дека deep tech бара големи вложувања и долг период на развој, раните инвестициски одлуки директно влијаат кои технологии ќе преживеат и ќе достигнат глобален размер.
„Не ни требаат совети, ни требаат пари“
Во рамки на студијата биле спроведени 81 интервју и 12 настани ширум Европа. Жените претприемачи посочуваат слични бариери: тежок пристап до рано и развојно финансирање, недоверба од инвеститорите и недостаток на разновидност во инвестициските фондови.
„Не ни треба повеќе менторство – ни требаат пари. Мажите добиваат финансирање, жените добиваат совети“, изјавила Марија Тереза Перез Забалос, основачка на EndoGene.
Како пример се наведува програмата WomenTechEU, која нуди 75.000 евра грант за рана фаза. Иако позитивно оценета, во deep tech секторот тие средства често се доволни само за неколку месеци лабораториска работа. Следниот инструмент – EIC Accelerator – нуди до 2,5 милиони евра, но бара многу повисока технолошка зрелост.
Токму тој јаз меѓу 75.000 и 2,5 милиони евра е критичната точка каде многу компании основани од жени пропаѓаат.
Улогата на јавните инвеститори
Студијата нагласува дека јавните институции имаат клучна улога во обликувањето на пазарното однесување. Европскиот иновациски совет и Европскиот инвестициски фонд се посочени како актери со капацитет да влијаат врз распределбата на капиталот и да привлечат приватни инвестиции.
Промената, сепак, не значи намалување на критериумите.
„Не сакаме да ја спуштиме летвичката. Сакаме да ја прошириме портата“, изјавиле претставници од инвестицискиот сектор, нагласувајќи дека жените треба да имаат вистинска моќ во одлучувањето – не само симболично присуство.
Европа не смее да го губи талентот
Заклучокот од студијата е јасен: Европа нема недостиг од жени иноватори. Проблемот лежи во системите кои не ги мерат, финансираат и скалираат доследно, особено во deep tech секторот.
Во време кога технолошката автономија, зелената транзиција и дигиталната трансформација се стратешки приоритети, родовата еднаквост не е само прашање на правичност – туку прашање на конкурентност.
Европа не може да си дозволи да го игнорира половина од својот иновациски потенцијал.
