ЕУ го смени ставот за забраната на бензински и дизел мотори: најголем добитник е Кина

Германија слави победа за своите производители на автомобили откако Европската комисија го омекна планираното забранување на мотори со внатрешно согорување до 2035 година. Сепак, оваа промена во политиката може да се покаже како неочекуван подарок за кинеските конкуренти, давајќи им дополнително време да ја зацврстат својата предност на европските и светските растечки пазари, пишува Politico.

Извршното тело на ЕУ тврди дека новиот автомобилски пакет, претставен минатата недела, воспоставува рамнотежа помеѓу климатските цели и зачувувањето на глобалната конкурентност на европскиот сектор. Сепак, левичарските политичари и аналитичари не се согласуваат со тоа.

„Пакетот не решава ниту едно од структурните прашања на европските производители на автомобили во Европа или глобално“, рече Нилс Редекер, ко-шеф на Центарот Жак Делор. „Постоји технолошка празнина помеѓу европските и кинеските производители на автомобили. Пакетот не придвижува ништо на ниту еден од овие фронтови.“

Европската автомобилска индустрија се соочува со низа проблеми: губи позиција на кинескиот пазар каде купувачите се определуваат за домашни брендови со подобри електрични автомобили, продажбата на домашниот пазар забавува, а тука е и трансатлантскиот трговски спор предизвикан од американскиот претседател Доналд Трамп.

Подарок за кинеската автомобилска индустрија

Комисијата го омекна целта за намалување на емисиите до 2035 година од 100% на 90% во споредба со нивото од 2021 година. Преостанатите 10% ќе треба да се надоместат со инвестиции во зелен челик и алтернативни горива.

Еден од клучните барања на индустријата било да се дозволи производство на plug-in хибриди и по 2035 година – возила што комбинираат електричен мотор и класичен мотор со внатрешно согорување. Брисел попушти, дозволувајќи хибриди, чисти мотори со внатрешно согорување и така наречени „range extenders“ – мали мотори кои го полнат батерискиот пакет и ја зголемуваат автономијата на возилото.

Опасноста е што ваквата одлука може да ги поттикне производителите да продолжат да инвестираат во мотори со внатрешно согорување или хибриди, наместо да се фокусираат на достигнување на Кина во сегментот на целосно електрични возила.

„Ова би му наштетило на европското конкурентно место и практично би му помогнало на Кина побрзо да напредува“, предупреди Редекер.

Холандскиот европратеник Мохамед Чахим од редовите на Социјалистите и Демократите беше уште појасен за време на расправата во парламентот: „Ова е божиќен подарок за кинеската автомобилска индустрија“, порача тој.

Иако Комисијата минатата година воведе нови царини за електрични возила произведени во Кина, кинеските брендови ги заобиколуваат овие пречки со испорака на plug-in хибриди, кои се сè попопуларни меѓу европските купувачи. Според податоците на Schmidt Automotive, три од 15-те најпродавани plug-in модели годинава доаѓаат од кинески производители. Во првите десет месеци од годинава, продажбата на plug-in хибриди пораснала за 43,2% во однос на лани, покажуваат податоците на здружението ACEA.

Европа ја губи трката на глобалниот пазар

Додека новиот пакет се фокусира на производство во Европа, европските производители се глобални компании кои мора да се натпреваруваат на сите светски пазари.

Кина долго време беше „златна кокошка“ за германските производители, но ситуацијата драстично се промени. Во последните пет години, кинеските производители, поттикнати од владините политики, масовно преминаа на целосно електрични возила, а потрошувачите ги следеа. Денес, повеќе од 50% од продадените автомобили во Кина се електрични возила.

Според новиот извештај на тинк-тенкот Ember, во првите десет месеци од годинава, електричните возила сочинувале една четвртина од глобалната продажба на автомобили, што е огромен скок во однос на само 3% во 2019 година.

Преминот кон електрични возила се забрзува и на развојните пазари со огромен продажен потенцијал, како Латинска Америка и Југоисточна Азија. Виетнам и Сингапур веќе имаат поголема продажба на електрични возила од ЕУ. Во Виетнам во 2021 година уделот на електрични возила бил помал од 1%, а денес е речиси 40%, наведува извештајот.

„Развивачките пазари се огромна награда која Европа не смее да ѝ избега“, рече Крис Херон, генералниот секретар на трговското здружение E-Mobility Europe. „Кинеските играчи напредуваат секојдневно низ Латинска Америка и Југоисточна Азија. Долгорочниот пат на Европа за да се натпреварува мора да биде електрични возила.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни