ЕУ го казни Google со 2,95 милијарди евра поради злоупотреба на пазарната доминација

Европската комисија изрече рекордна казна од 2,95 милијарди евра на Google за фаворизирање на сопствените рекламни алатки. Одлуката доаѓа во време на зголемени трговски тензии меѓу ЕУ и САД.

Европската комисија ја казни американската технолошка компанија Google со 2,95 милијарди евра поради злоупотреба на својата доминантна позиција во индустријата за рекламни технологии. Одлуката доаѓа во услови на зголемени трговски тензии со администрацијата на САД поради регулацијата на технолошкиот сектор.

Антимонополскиот орган на ЕУ ја обвини Google дека неправедно ја фаворизира својата рекламна алатка AdX, додека доминира на пазарот преку сопствениот сервер за реклами и алатките за купување рекламен простор.

„Google сега мора да предложи сериозни решенија за конфликтот на интереси, а доколку не го стори тоа, нема да се двоумиме да воведеме строги мерки,“ изјави европската комесарка за конкуренција Тереса Рибера. Таа додаде: „Дигиталните пазари треба да им служат на луѓето и да се засноваат на доверба и правичност.“

Google има рок од 60 дена да ги прекине практиките што Комисијата ги смета за антиконкурентски. Формалната истрага против компанијата започна во јуни 2021 година.

Потпретседателката на Google, Ли-Ен Мулхоланд, изјави дека казната е „неоправдана“ и предупреди дека барањата на Комисијата ќе им наштетат на илјадници европски бизниси, отежнувајќи им да заработуваат.

Компанијата објави дека ќе поднесе жалба на одлуката.

Трговски тензии

Оваа одлука се случува во чувствителен момент за односите меѓу ЕУ и САД. Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна се закани со нови царини доколку ЕУ повторно ги таргетира американските технолошки компании.

Порталот MLex претходно оваа недела објави дека еврокомесарот за трговија Марош Шефчович ја одложил објавата на казната за Google за да не го налути Вашингтон. Истото, според извори блиски до случајот, било направено на иницијатива на Бјерн Зајберт, шефот на кабинетот на претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен.

Сепак, сега казната е изречена и таа е значителна.

„Вистинската слобода значи еднакви услови за сите, каде што секој има шанса да се натпреварува и каде што граѓаните навистина можат да изберат,“ рече Рибера.

Оваа одлука дополнително може да ги влоши односите меѓу ЕУ и САД, особено што двете страни неодамна постигнаа контроверзен трговски договор по неколку недели исцрпувачки преговори.

Договорот предвидува царина од 15% на извозот од ЕУ кон американскиот пазар, во замена за целосно отворање на европскиот пазар за американски производи со 0% царини. Но, имплементацијата сè уште не е завршена, бидејќи САД сè уште не ги намалиле царините на европските автомобили од 27,5% на ветените 15%.

Исто така, неколку исклучоци од договорот сè уште се предмет на преговори, а текстот мора да помине низ внимателно разгледување од страна на Европскиот парламент и земјите-членки.

Во средата, европратениците го осудија договорот како неурамнотежен, а Европската комисија се бранеше дека немала друг избор поради агресивната царинска политика на американската администрација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни