ЕУ ги ублажува правилата: нема целосна забрана за автомобили со внатрешно согорување од 2035 година

Европската комисија го ублажи планираниот режим за забрана на автомобили со мотори со внатрешно согорување од 2035 година, откажувајќи се од претходниот план според кој сите нови автомобили од тој датум требаше да бидат исклучиво електрични.

Овој потег на извршното тело на Европската Унија следува по силниот притисок од европските производители на автомобили и се смета за најзначајно повлекување во зелените политики на Унијата во последните неколку години. Предлогот сè уште треба да биде одобрен од земјите членки и од Европскиот парламент.

Според новиот предлог, од 2035 година производителите на автомобили ќе мора да ја намалат емисијата на јаглерод-диоксид за 90 проценти, наместо претходно планираните 100 проценти. Тоа значи дека 90 проценти од возниот парк на секој производител ќе мора да биде со нулта емисија, односно електричен, додека преостанатите 10 проценти ќе можат да ја компензираат емисијата преку користење челик произведен во ЕУ со ниска емисија на јаглерод-диоксид или преку употреба на биогорива.

Со ваквото решение ќе се овозможи и по 2035 година да продолжи производството на plug-in хибриди, благи хибриди, како и автомобили со мотори со внатрешно согорување.

Регулативата што беше усвоена во 2023 година, како дел од Зелената агенда на ЕУ, предвидуваше сите новорегистрирани автомобили од 2035 година да бидат со нулта емисија. Овој план наиде на силен отпор кај европската автоиндустрија, особено во Германија и Италија, кои тешко се справуваат со конкуренцијата од „Тесла“ и кинеските производители на електрични возила.

Европската комисија, исто така, сака да ја поттикне производството на мали и ценовно подостапни електрични автомобили, со должина до 4,2 метри. За таа цел се предлага секој таков автомобил произведен во ЕУ да се пресметува како 1,3 возила, што би им олеснило на производителите да го достигнат целта од 90 проценти возила со нулта емисија.

Дополнително, Комисијата предлага од 2030 година земјите членки да обезбедат одреден дел од службените автомобили што компаниите им ги даваат на своите вработени да бидат електрични. Како позитивен пример се наведува Белгија, каде веќе постои закон со кој службените автомобили мора да бидат електрични, а денес 52 проценти од возниот парк во сопственост на компании е на електричен погон.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни