Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска изјави дека Брисел до почетокот на август ќе ја продолжи суспензијата на контрамерките поради американските царини за челик и алуминиум.
Унијата во меѓувреме се обидува да постигне договор со САД за да ги избегне царините од 30 проценти на Трамп за сите свои производи.
-САД ни испратија писмо со мерки што ќе стапат во сила доколку не се постигне решение, и поради ова ние ќе ја продолжиме суспензијата на нашите контрамерки до почетокот на август- рече Фон дер Лајен.
Сега, додаде таа, е време за преговори.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави царини од 30 отсто за ЕУ и Мексико од 1 август. Порача дека целата трговија мора да биде поизбалансирана и поправедна и оти секој обид за контрамерки ќе биде пресретнат со уште повисоки давачки, вклучувајќи дополнителни 30 отсто на веќе најавените тарифи.
Вчера, кратко по најавата на Трамп, претседателката на Европската комисија ја искритикува одлуката, но исто така изјави дека Европската унија е подготвена „да продолжи да работи кон трговски договор“ со Вашингтон до 1 август.