ЕП денес расправа за FRONTEX во БиХ: Јакне контролата на границите и борбата против илегалните миграции

Европскиот парламент ја разгледува спогодбата за распоредување на FRONTEX во БиХ, како стратешки чекор за јакнење на граничната безбедност и спречување на илегалните миграции на западнобалканската рута.

Европскиот парламент денеска попладне ќе ја разгледа примена на новиот Спогодбен договор помеѓу Европската унија и Босна и Херцеговина за оперативно ангажирање на Европската агенција за гранична и брегова стража FRONTEX на територијата на БиХ. Овој чекор, кој се смета за важен пресврт во европската миграциска политика, доаѓа во момент кога Унијата повторно се фокусира на стабилизирање на надворешните граници и спречување на илегалните премини по западнобалканската рута.

Спогодбата е потпишана во јуни 2025 година во Сараево, а европските институции веќе го финализираат процесот на одобрување. Известувач на Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи е Јарослав Бжох, кој во својата анализа посочува дека формалните, правно обврзувачки договори со државите од Западен Балкан се клучни за транспарентност, јавен надзор и демократско управување со европските гранични политики.

Контекст на миграцискиот притисок

Западниот Балкан останува една од најчувствителните рути за миграција кон Европската унија. За време на миграциската криза во 2015 година, стотици илјади мигранти и баратели на азил ја минуваа оваа траса, што создаде сериозен притисок врз надворешните граници на ЕУ. Иако бројките денес се намалени, миграциските движења и понатаму бараат координиран надзор и системско управување.

Токму поради ова, Европската комисија и властите во БиХ во октомври и ноември 2025 година одржаа серија состаноци на кои беа разгледани аспектите на спогодбата, заедно со службениците за фундаментални права на FRONTEX и Европскиот надзорник за заштита на податоци. Заклучокот: спогодбата е усогласена со европското законодавство, вклучително и строгите стандарди за човекови права.

Стратешко значење за регионот

ЕУ смета дека вклучувањето на БиХ во оперативните активности на FRONTEX ќе придонесе за: поефикасно управување со миграциските текови, спречување нелегални премини на границите i борба против криумчарење мигранти. Но, исто така со вклучувањето во активностите ќе се подобри целокупната регионалната безбедност и ќе се оствари зголемување на координацијата со Хрватска како членка на ЕУ со заедничка граница со БиХ.

Спогодбата, според европските институции, е природно продолжение на веќе постоечките договори со Северна Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора и Молдавија, кои се покажаа како ефикасни во управувањето со прекуграничниот криминал и миграциските предизвици.

Очекувања и следни чекори

Европскиот парламент бара редовно известување за секоја активност што FRONTEX ќе ја спроведува на територијата на БиХ, особено во делот на заштитата на основните човекови права — тема за која агенцијата во минатото се соочуваше со критики. Притоа, ЕП потенцира дека присуството на Европската гранична и брегова стража мора да биде во целосна согласност со Регулативата (ЕУ) 2019/1896.

Како што миграцискиот притисок останува значаен, а бројот на транзитирачки лица низ БиХ и понатаму е висок, овие мерки се гледаат како начин да се создаде поусогласен, структуриран и долгорочен систем за управување со границите кои ќе биде во корист на безбедноста и на Европската унија, и на регионот.

Со оглед на позитивните резултати од претходните договори со земјите од Западен Балкан, извештајот препорачува Европскиот парламент да ја поддржи одлуката на Советот и да дозволи спогодбата да влезе во целосна примена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни