ЕУ експресно добива нова членка? „Политико“: Референдум можен веќе летово

Исланд разгледува можност веќе во август да одржи референдум за повторно отворање на преговорите за членство во Европската Унија, тврдат два извора запознаени со подготовките на земјата.

Веста доаѓа во момент кога проширувањето на ЕУ повторно добива динамика. Брисел работи на план што би ѝ овозможил на Украина делумно членство веќе следната година, додека Црна Гора, како најнапреден кандидат, неодамна затвори уште едно преговарачко поглавје, пишува „Политико“.

Забрзани планови поради геополитичките тензии

Владејачката коалиција во Рејкјавик најави дека до 2027 година ќе организира референдум за продолжување на пристапните преговори, кои беа замрзнати во 2013 година. Сепак, временската рамка очигледно се забрзува поради геополитичките превирања, одлуката на Вашингтон за воведување царини кон Исланд, како и заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за анексија на Гренланд.

Се очекува исландскиот парламент во следните недели да го објави датумот за гласање. Ако граѓаните се изјаснат „за“, Исланд би можел да ѝ се приклучи на ЕУ пред која било друга земја кандидат.

Продлабочување на врските со Брисел

Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека дебатата за проширувањето се менува и сè повеќе се однесува на безбедноста и геополитичката стабилност. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, по средбата со исландската премиерка Криструн Фростадотир, оцени дека партнерството со Исланд нуди „стабилност и предвидливост во нестабилен свет“.

Американскиот притисок како катализатор

Иако разговорите за продлабочување на односите со ЕУ започнале и пред враќањето на Трамп на функцијата, засилените изјави од САД дополнително ја зголемиле итноста. Споменувањето на Исланд во контекст на Гренланд во говорот на Трамп во Давос, според европски дипломати, предизвикало загриженост во оваа мала, но стратешки важна држава.

Од замрзнат статус до нов почеток

Исланд поднесе барање за членство во 2009 година, во екот на финансиската криза. Преговорите беа замрзнати во 2013 година, а во 2015 Рејкјавик побара повеќе да не се смета за земја кандидат. Денес, со променетата геополитичка ситуација, расте јавната поддршка за членство.

Рибарството – клучна пречка

Најголемата потенцијална пречка остануваат риболовните права, клучна индустрија за Исланд и спорно прашање и во претходните преговори. Сепак, по Брегзит, ова прашање би можело да биде помалку чувствително отколку порано.

Брзо затворање на поглавјата?

Исланд веќе е членка на Европскиот економски простор и на Шенген-зоната, а голем дел од законодавството му е усогласено со европското. Пред замрзнувањето во 2013 година, земјата затвори 11 од 33 преговарачки поглавја. Според европски извори, процесот би можел да се одвива релативно брзо, иако конечната одлука би зависела од втор референдум по завршувањето на преговорите.

Со оглед на тоа што Исланд има еден од највисоките БДП по глава на жител во светот, економските придобивки од членството се помалку изразени, додека безбедносните аргументи добиваат сè поголема тежина во јавната дебата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни