Европската унија подготвува голем дипломатски и економски потег: нов безбедносен и трговски договор со Австралија, кој би можел значително да ја редефинира геополитичката и економската позиција на Унијата. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, планира во текот на овој месец да отпатува во Канбера со цел финализирање на договорот, откриваат извори запознаени со преговорите.
Посетата доаѓа по најавениот состанок во Брисел меѓу европскиот комесар за трговија Марош Шефчович и неговиот австралиски колега Дон Фарел, кој треба да се одржи идната недела. Иако агендата сè уште не е официјално потврдена, сигналите од двете страни укажуваат на обид за оживување на преговорите што пропаднаа кон крајот на 2023 година поради спорните квоти за извоз на говедско и јагнешко месо.
Договорот со Австралија се смета за особено важен за Европска Унија, бидејќи би ѝ отворил пристап до огромни резерви на стратешки суровини. Австралија е најголем светски производител на литиум и располага со втори најголеми резерви на бакар – ресурси клучни за зелената транзиција, батериите и европската индустриска автономија.
Во безбедносна смисла, договорот би се надоврзал на веќе склучените партнерства на ЕУ со Обединетото Кралство, Канада и Индија, и би бил дел од пошироката стратегија за зајакнување на глобалната улога на Унијата во време на растечка геополитичка конкуренција.
Сепак, отпорот не е исклучен. По контроверзниот договор со земјите од Меркосур, кој предизвика жестоки реакции кај земјоделците и кај неколку земји-членки, се очекува и евентуалниот договор со Канбера да наиде на критики – особено поради неговата силна земјоделна компонента.
Дали овој „офанзивен“ потег на Брисел ќе донесе стратешка предност или нови внатрешни поделби, ќе стане појасно во наредните недели.
