Европската комисија денеска соопшти дека официјално ја означила платформата WhatsApp, во сопственост на компанијата Meta, како „многу голема онлајн платформа“ според Актот за дигитални услуги (DSA) на Европската унија, со што се зголемува нејзината одговорност за спречување на незаконска и штетна содржина.
Комисијата уште на почетокот на месецов најави дека го разгледува овој чекор, откако WhatsApp во првите шест месеци од 2025 година имал во просек 51,7 милиони активни месечни корисници на своите канали во ЕУ, што е над прагот од 45 милиони корисници, утврден со DSA.
Според европската регулатива, платформите што ја надминуваат оваа бројка подлежат на построги обврски во борбата против ширењето на нелегална и штетна содржина.
Четири месеци рок за усогласување
Со новата класификација, WhatsApp се приклучува на листата на компании кои веќе се означени како многу големи онлајн платформи според DSA, меѓу кои се Facebook и Instagram (Meta), YouTube (Google), TikTok, Temu и LinkedIn (Microsoft).
„По ова означување, Meta, како давател на услугата WhatsApp, има рок од четири месеци, односно до средината на мај 2026 година, за да обезбеди целосна усогласеност на WhatsApp со дополнителните обврски што ги пропишува DSA за многу големите онлајн платформи“, се наведува во соопштението на Европската комисија.
Актот за дигитални услуги има за цел да ја зајакне заштитата на корисниците во ЕУ, да ја зголеми транспарентноста на онлајн платформите и да спречи ширење на дезинформации, говор на омраза и друга штетна содржина на интернет.
Извор – Хина / Европска комисија
