ЕУ бара намалување на американските царини за увоз на автомобили од 1 август

Европската унија и САД постигнаа договор за намалување на царините за увоз на автомобили. Стапувањето на сила се очекува од 1 август, со ретроактивна примена.

Европската унија ќе работи на тоа пониските американски царини за извоз на автомобили да се применуваат ретроактивно од 1 август, изјави денес европскиот комесар за трговија, Марош Шефчович, откако трансатлантските партнери ги објавија деталите од рамковниот трговски договор постигнат во јули.

Во заедничкото соопштение, двете страни нагласија дека американските царини од 15 проценти ќе се применуваат на поголемиот дел од увозот од ЕУ, пренесе Ројтерс. Трансатлантските партнери ги наведоа и преземените обврски, вклучувајќи и ветувањето на ЕУ дека ќе ги укине царините за американски индустриски производи и ќе овозможи преференцијален пристап на пазарот за широк спектар на американски морски плодови и земјоделски производи.

Вашингтон ќе преземе чекори за да ги намали сегашните американски тарифи од 27,5 проценти за автомобили и автоделови (што претставува голем товар за европските производители), откако Брисел ќе го усвои законот потребен за спроведување на ветените намалувања на тарифите за американски производи.

Во соопштението се наведува дека САД официјално ќе ги намалат царините за автомобили и автоделови на првиот ден од месецот во кој ЕУ го донела наведениот закон.

Европскиот комесар за трговија, Марош Шефчович, изјави дека Европската комисија „цврсто има намера“ да ги претстави своите предлози до крајот на месецов, што значи дека намалувањето на американските царини за автомобили ќе важи од 1 август.

Висок претставник на администрацијата на Трамп, кој зборуваше анонимно, изјави дека европските производители на автомобили би можеле да почувствуваат олеснување од сегашните американски царини во рок од, како што се надева, неколку недели.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни