Европска комисија побара од Унгарија итно објаснување во „најкраток можен рок“ во врска со телефонски разговори со Русија, во кои наводно биле споделувани внатрешни информации на Европска Унија.
Конзорциум од европски медиуми објави дека унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, преку директна комуникација, главно со рускиот министер Сергеј Лавров, ѝ доставувал на Москва „стратешки информации за клучни прашања“ од состаноците во Брисел.
Медиумите The Insider, VSquare и Delfi во вториот дел од истрагата објавија и телефонски разговор од јули 2024 година, во кој Сијарто му ветува на Лавров дека „веднаш“ ќе му испрати документ поврзан со преговорите за пристапување на Украина во ЕУ.
Критики пред изборите во Унгарија
Овие информации предизвикаа силни реакции низ Европа, особено во пресрет на парламентарните избори во Унгарија, каде премиерот Виктор Орбан се бори за петти мандат.
Портпаролката на Европската комисија, Паула Пињо, изјави дека обвинувањата се „исклучително загрижувачки“, бидејќи укажуваат на можност влада на земја-членка да координирала активности со Русија, спротивно на безбедноста и интересите на Унијата. Таа нагласи дека токму затоа од Унгарија се бара итно појаснување, додавајќи дека претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, ќе разговара за случајот со европските лидери.
Во меѓувреме, францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, остро ја критикуваше Унгарија, нарекувајќи го случајот „предавство“.
Сијарто: Странски служби се мешаат во изборите
По објавувањето на истрагата, Сијарто ги отфрли обвинувањата и предупреди на странско мешање во изборниот процес во Унгарија. Тој го нарече случајот „голем скандал“ и ги обвини странските разузнавачки служби за прислушување на неговите разговори, тврдејќи дека тоа било направено во интерес на Украина.
Ова доаѓа само еден ден по посетата на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на Будимпешта, каде му даде поддршка на Орбан пред изборите.