Со приближувањето на туристичката сезона и предизвиците што ги создава новиот систем за влез и излез (EES), Европската унија воведува ново дигитално решение со цел да се намалат гужвите на границите. Станува збор за мобилната апликација „Travel to Europe“, која им овозможува на патниците однапред да ги достават своите податоци.
Апликацијата им е наменета на патници од трети земји и овозможува внесување на лични и патни информации до 72 часа пред пристигнувањето. Покрај тоа, корисниците пополнуваат краток прашалник за условите за влез, со што дел од административната постапка се завршува уште пред доаѓањето на граничниот премин.
Воведувањето на оваа алатка доаѓа како одговор на забавувањата поврзани со функционирањето на EES, кој од своето стартување се соочува со технички и организациски предизвици. Целта е да се скрати времето потребно за проверка на лице место, иако користењето на апликацијата не ја заменува задолжителната гранична контрола.
Во првата фаза, системот ќе биде достапен на аеродромот во Лисабон, каде што веќе се бележат проблеми со долгите редици и организацијата. Европската комисија претходно утврди сериозни недостатоци во контролата на безбедноста, што доведе до итни мерки и привремена суспензија на EES.
Локалните власти веќе преземаа чекори за подобрување на состојбата, вклучувајќи дополнително ангажирање на безбедносен персонал со цел да се намали времето на чекање. Во наредниот период се очекува апликацијата постепено да се прошири и на други европски аеродроми.