ЕУ активно работи на постепено откажување од руските фосилни горива

Гил додаде дека Европската Унија е свесна, дека може и мора да се стори повеќе во однос на санкциите кон Русија


Главната претставничка на Европската комисија, Паула Пињо, денеска истакна дека ЕУ веќе активно работи на постепено елиминирање на руските фосилни горива, и тоа неколку години пред почетокот на војната во Украина, со многу прецизен план. Ова е одговор на барањето на американскиот претседател Доналд Трамп Европа да престане да купува нафта од Русија.

“Сега дури имаме и јасен законски предлог за постепено откажување од преостанатите горива.”

Пињо додаде дека преку голем број рестриктивни мерки, тоа веќе е делумно постигнато, особено со целокупната забрана за набавка на јаглен и други енергетски ресурси. “Активни сме на тоа поле и имаме многу јасен план како да направиме тоа, со јасен рок”, нагласи Пињо.

Трамп вчера изјави дека е подготвен да воведе засилени санкции кон Русија, но дека и Европа мора да постапи на сличен начин како Вашингтон. “Европа купува нафта од Русија. Не сакам тие да купуваат нафта, а и санкциите што ги воведуваат не се доволно строги. Јас сум подготвен да воведам санкции, но тие ќе мора да ги заострат своите санкции соодветно на она што го правам јас”, рече Трамп.

Заменик главниот гласноговорник на ЕК, Олоф Гил, од своја страна, рече дека Комисијата нема да дава коментари за изјавите на Трамп, ниту пак ќе открива детали за 19-тиот пакет санкции кон Русија на кој моментално се работи.

“Нашата проценка е дека последователните пакети санкции што ги донесовме, кои вклучуваат и нови дополнителни иницијативи за да ги зајакнат претходните, функционираат. Економските показатели укажуваат дека тие (санкции) имаат влијание врз руската економија и токму тоа е нивната цел”, рече Гил, коментирајќи ја оценката на Трамп дека „санкциите не се доволно строги“.

Гил додаде дека ЕУ е свесна, и тоа го потврди и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен минатата недела, дека може и мора да се стори повеќе во однос на санкциите кон Русија.

“Затоа наскоро ќе излеземе со нов пакет што ќе вклучува уште посилни мерки за да ја удриме руската економија таму каде што ја боли. Тоа е се што ќе кажеме за тоа. Задоволни сме со она што го правиме од наша страна и работиме со нашите глобални партнери, вклучувајќи ги и САД, за да се обидеме да се координираме што е можно поефикасно”, заклучи Гил.

Тој изрази надеж дека и сојузниците на ЕУ ќе се приклучат во нејзините напори за “вршење максимален притисок врз руската економија” со цел што побрзо да се стави крај на руската агресија врз Украина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни