Европската унија ќе предложи издвојување од 500 милиони евра за периодот 2025–2027 година со цел да привлече врвни научни истражувачи во Европа, објави денес претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„Улогата на науката моментално е доведена во прашање. Инвестициите во основните истражувања, слободни и отворени, се ставени под знак прашалник. Каква огромна грешка во проценката… науката е клучот на нашата иднина тука, во Европа“, рече фон дер Лајен на затворањето на конференцијата „Избери ја Европа за наука“.
Конференцијата организирана во Париз, по иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон, има за цел да привлече научници од САД, чии истражувачки активности се под закана поради политиките на администрацијата на Доналд Трамп.
Фон дер Лајен, ги пофали „стабилните и долгорочни инвестиции“ и инфраструктурата поволна за истражување во Европа и најави мерки кои треба да ги надоместат пропустите. Таа ја најави новата „суперсубвенција“ во времетраење од седум години, како и двојно зголемување на буџетот за истражување до 2027 година.
„На среден и долг рок, сакаме заедно со земјите-членки да го постигнеме целта од три отсто од БДП за инвестиции во истражување и развој до 2030 година“, рече таа.
За да се олесни доаѓањето на истражувачите, таа рече дека ЕУ сака да им помогне на јавните и приватните институции подобро да се поврзат со високо квалификувани кадри и истражувачи, како и да го забрза и поедностави нивниот влез во Европската Унија.
„Привлекувањето на најдобрите истражувачи од светот значи извлекување на најдоброто од Европа“, рече фон дер Лајен.