Станува збор за втор пакет помош за Албанија во рамките на Европскиот мировен инструмент, откако претходно на албанската Армија и беа доделени 13 милиони евра ја зајакнување на способноста за навремено и ефикасно распоредување.
– Албанија е близок и постојан партнер на ЕУ во надворешната и безбедносната политика, придонесува во операциите на ЕУ и е сојузник во НАТО. Зајакнувањето на нашата безбедносна и одбранбена соработка со Албанија директно ги зајакнува европската стабилност, безбедност и мир, порача високата претставничка на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас по повод денешната одлука на Советот.
Дополнителните 15 милони евра помош, според Советот на ЕУ, ќе придонесат за зголемување на можностите на Албанија да придонесува во операциите и мисиите на Унијата и на другите меѓународни коалиции.
Со овие средства, за потребите на Вооружените сили на Албанија ќе бидат обезбедени лесни оклопни повеќенаменски, тактички и инженерски возила, материјали и услуги поврзани со нив, како и обука за оперативни активности и одржување.
– Денешната одлука го илустрира силниот континуиран ангажман на ЕУ со Албанија во однос на безбедноста и одбраната. Таа, исто така, ја одразува заедничката посветеност за зајакнување на соработката во оваа област, врз основа на Договорот за партнерството во безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Албанија во ноември 2024 година и започнувањето на првиот дијалог за безбедност и одбрана во април 2025 година. Усвојувањето на новиот пакет за поддршка е потврда за целосното усогласување на Албанија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, се додава во соопштението на Советот на ЕУ.
Во април оваа година Советот на ЕУ, исто така преку Европскиот мировен инструмент, и додели 15 милиони евра помош и на македонската Армија за зајакнување на нејзините одбранбени капацитети и способности и оперативна подготвеност.
Овие средства беа наменети за обезбедување опрема за разузнавање, надзор и извидување и за електронско војување, потоа комунални и инженерски возила, комуникациски и информациски системи и опрема за борбена обука, како и за оперативна обука за нивно користење.
Од 2023 година, па досега вкупната помош од ЕУ за земјава во рамки на Европскиот мировен инструмент достигна 38 милиони евра.