Европската конфедерација на синдикати ги осуди заканите кон ССМ – „Неприфатливо и некомпатибилно со демократијата”

ETUC испрати писмо за солидарност до Сојузот на синдикатите на Македонија, осудувајќи го личното таргетирање и заплашувањето на синдикалните претставници и нивните семејства.

Европската конфедерација на синдикати (ETUC) застана зад македонскиот Сојуз на синдикати (ССМ), откако раководството на организацијата пријавило притисоци, закани и лично таргетирање на синдикални лидери и нивни семејства.

„Апсолутно неприфатливо”

Во писмото, ETUC изрази „сериозна загриженост” за пријавените притисоци и напади кон ССМ. „Ваквите дејствија се апсолутно неприфатливи и некомпатибилни со демократските принципи”, се наведува во соопштението.

Конфедерацијата ги оцени барањата на ССМ за фер минимална плата, соодветно зголемување на платите и зајакнување на колективното договарање како „целосно легитимни” и во согласност со меѓународните стандарди на трудот.

Загрозени се фундаментални права

ETUC потсети дека слободата на здружување, колективното договарање и правото на штрајк се заштитени со конвенциите на Меѓународната организација на трудот (МОТ) и европските инструменти за човекови права. „Овие права мора да се почитуваат и во законите и во праксата”, порача Конфедерацијата.

„Ќе продолжиме внимателно да ја следиме ситуацијата и каде што е потребно да изразуваме загриженост на европско ниво”, се вели во писмото.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни