Африканските здравствени власти потврдија можна епидемија на неидентификувана вирусна хеморагична треска во јужна Етиопија, откако беа пријавени осум сомнителни случаи.
Се очекува Министерството за здравство на Етиопија утре да ги објави резултатите од истрагата, соопшти Африканскиот центар за контрола и превенција на болести.
Вирусни хеморагични трески се група болести што ги вклучуваат вирусите Ебола и Марбург. Изминатите години во Африка се пријавени Кримско-Конгоската хеморагична треска и Ласа треската.
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека распоредува 11 лица технички персонал за да ѝ помогнат на Етиопија да ја истражи и да одговори на епидемијата.
СЗО соопшти дека ќе обезбеди основни резерви, меѓу кои и опрема за лична заштитна на здравствените работници и материјали за спречување на инфекции, како шатори за изолација.
Епидемијата е регистрирана во јужниот регион Омо, кој се граничи со соседниот Јужен Судан.
Неколку земји во Источна и Централна Африка неодамна имаа епидемии на разни вирусни хеморагични трески.
