Крајгер на овогодинешниот AI Tech Summit во Скопје ја истакна важноста на етичката употреба на вештачката интелигенција, а во интервјуто за Трн.мк зборуваше за што значи користењето на вештачката интелигенција за луѓето.
„Сегашниот даночен закон што го имаме, на пример, речиси секаде го фаворизира капиталот пред трудот. Значи данокот на труд е поголем од данокот на капитал. Сега тоа значи дека постои поттик за компаниите да автоматизираат што е можно повеќе работни места бидејќи е поевтино. И мислам дека ако сакаме да имаме некаков облик на иднина со човекот во фокус, тоа се делови од решението. Треба да ги прераспределиме придобивките што доаѓаат од вештачката интелигенција за да се увериме дека сите имаат корист и да се увериме дека зголемената плима ќе ги подигне сите чамци“ истакна Крајгер.
Тој додаде дека од вештачката интелигенција во моментов корист имаат неколкумина и иако придобивките во продуктивноста ќе се огромни, од тоа ќар ќе видат мала група на луѓе.
„Ако сакаме да напредуваме во тоа и ако сакаме да се погрижиме нашите општества да продолжат да функционираат како што сакаме, мислам дека навистина треба да ги разгледаме ваквите предлози – Универзален основен приход и различни стратегии за оданочување“ вели Крајгер.
Според него, вештачката интелигенција ќе донесе сеизмички поместувања во нашите општества и од културен аспект, но и од аспект на тоа како луѓето комуницираат едни со други.
Како што вели Крајгер големото прашање ќе биде како ќе управуваме со основните принципи кои се дел од нашето општество како што се почитување на слободите на сите и обезбедувањето еднаквост на сите.
„Вештачката интелигенција фундаментално ќе го оспори тоа со концентрирање на моќта во неколку големи компании. Таа ќе го предизвика тоа со автоматизирање на одредени работни места. Ќе го предизвика со повторување на предрасудите од минатото. Ќе го предизвика со тоа што ќе стане оваа сложена црна кутија каде што не знаеме точно што се случува. И тоа ќе го оспори бидејќи ние делегираме голем дел од работата на вештачката интелигенција, но не можеме да ја делегираме целата одговорност на вештачката интелигенција затоа што нема смисла да се бара одговорност од вештачка интелигенција“ вели Крајгер.