Есватини и Замбија денеска станаа првите две африкански земји што го добија лекот „Ленакапавир“, првата двогодишна инјекција за превенција од ХИВ, која здравствените службеници ја поздравија како пресвртница во борбата против вирусот што уби десетици милиони луѓе низ целиот континент.
Амриканските медиуми пренесуваат дека „Ленакапавир“, развиен од „Гилеад Сајанс“ (Gilead Sciences), покажа речиси целосна заштита во клиничките студии.
Неговата имплементација, првично планирана за 10 африкански земји со висок ризик, е дел од PEPFAR, односно Планот за вонредни состојби на американскиот претседател, Доналд Трамп, за помош во борбата против СИДА, во партнерство со Глобалниот фонд.
До 2027 година, иницијативата има за цел да стигне до најмалку два милиони луѓе во 10-те земји.
Претседателот и извршен директор на „Гилеад Сајанс“, Даниел О’Деј, го опиша воведувањето на „Ленакапавир“ во Есватини како извонредно, бидејќи тоа е првпат во историјата нов лек против ХИВ да пристигне во земја од подсахарска Африка во истата година кога е одобрен и во САД, бидејќи Есватини е земјата со највисока инциденца на ХИВ во светот.
САД го одобрија лекот во јуни.
САД првично планираа годинава да дистрибуираат 250.000 дози во 10-те земји.
Замбија, исто така, денеска ја доби својата прва пратка, додека „Гилеад“ бара регулаторни одобренија во Боцвана, Кенија, Малави, Намибија, Руанда, Танзанија, Уганда и Зимбабве.
Владата на САД соопшти дека повеќе од 25 милиони луѓе низ цела Африка живеат со ХИВ.
