Министерот за надворешни работи на Естонија, Маргус Цахкна, изјави дека „овие акции ги поткопуваат принципите на безбедност за сите земји-членки на ОН“ и побара Советот за безбедност итно да реагира, особено затоа што се работи за постојана членка на Советот – Русија.
Естонското МНР соопшти дека ќе се расправа за „очигледно и дрско нарушување на воздушниот простор на НАТО“ и за „повторени прекршувања на меѓународното право“.
Од руското Министерство за одбрана демантираат дека имало повреда, тврдејќи дека летовите биле „во согласност со меѓународните правила“.
Портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дуџарик, потврди дека седницата ќе се одржи денес (понеделник) во 10 часот по источен американски стандард (ET).
Украина побара да учествува на седницата и го достави барањето до Република Кореја, која моментално претседава со Советот. Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, изјави дека „првпат по 34 години, Естонија бара итна седница – што укажува на сериозноста на заканата од агресивна Русија.“
По инцидентот, Естонија активираше член 4 од Повелбата на НАТО, кој овозможува консултации меѓу сојузниците кога е загрозена територијалната безбедност. Сличен чекор минатата недела презеде и Полска, поради упади на руски беспилотни летала и авиони во нејзиниот воздушен простор.
Во неделата, шведски и германски воени авиони (JAS 39 Gripen и Eurofighter) беа подигнати над Јужниот Балтик за да следат руски извидувачки авион IL-20, кој летал без план на лет или радио-контакт во меѓународен воздушен простор.
Извор: Index.hr