До инцидентот дојде кога пратениците на владејачката коалиција и на опозицијата дојдоа на говорницата држејќи транспаренти, по што почнаа меѓусебно да се туркаат, да фрлаат хартии и вода. Во инцидентот учествуваа и министри, а се слушааа вувузели и свирежи.
Истовремено, дојде до физички конфликт и во галеријата на собарниската седница каде што пратениците на СНС го развија транспарентот „Жолтите крадци (ДС) сакаат војна, Србија сака работа“.
По смирување на ситуацијата, пратениците од опозицијата го попречуваа презентирањето на предлог-буџетот на српскиот премиер Милош Вучевиќ на говорницата, кон која пријдоа неколку пратеници кои свиркаа и носеа транспаренти на кои пишуваше „рацете ти се крвави“.
Претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, по инцидентите одреди пауза и ги повика пратеничките групи на консултации.
Пратениците од опозицијата претходно најавија дека ќе ја блокираат работата на Собранието бидејќи претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, го одби нивното барање да се закаже седница на која ќе се расправа за гласање недоверба на Владата, по несреќата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, каде се урна настрешницата и притоа загинаа 15 лица.
Опозицијата бара разрешување на премиерот Милош Вучевиќ, како и утврдување политичка и кривична одговорност за несреќата.