Од печат излезе новиот роман „Есента на животот“ од германскиот писател Бернхард Шлинк, автор што со години има силно и верно читателство и кај македонската публика. Книгата е објавена во издание на „Или-или“, а преводот од германски јазик е на Ксенија Чочкова.
Во центарот на романот е 76-годишниот Мартин, кој се соочува со сурова дијагноза и сознание дека му остануваат уште само неколку месеци живот. Но наместо стравот од сопствениот крај, неговата најголема грижа се луѓето што ќе останат зад него, младата сопруга и малиот син.
Во обид да им остави нешто што ќе трае подолго од неговото присуство, Мартин почнува да пишува писмо, личен водич низ животот, исполнет со размислувања за љубовта, верата, потеклото и смислата. Но токму додека се обидува да го среди она што може да се среди, животот продолжува да отвора нови прашања и вистини од кои не може да побегне.
„Есента на животот“ е роман што се движи низ темите на простувањето, семејството и минливоста, но и низ прашањето како се живее достоинствено тогаш кога времето станува најограничениот ресурс. Со својот препознатлив јасен и длабоко човечки стил, Шлинк и овојпат влегува во тивките, чувствителни простори на човековата психологија.
Бернхард Шлинк е роден во 1944 година во Билефелд, Германија. Тој е правник, професор и еден од најзначајните автори на современата германска литература. Писателската кариера ја почнал со крими-романи, а светска препознатливост стекна со романот „Читачот“, преведен на повеќе од 50 јазици. Меѓу неговите познати дела се и „Враќање дома“, „Викенд“, „Жената на скалите“, „Олга“, „Внука“, како и збирките раскази „Бегства од љубовта“, „Летни лаги“ и „Боите на разделбата“.
Со „Есента на животот“, Шлинк повторно се враќа со роман што отвора големи егзистенцијални прашања преку интимна и тивка приказна.