Оваа есен, скопската уметничка сцена дише во ритамот што го задава Ивана Васева. Три изложби, три различни концептуални светови — и една заедничка координата: кураторска визија што отвора прашања кои ја надминуваат уметноста и директно навлегуваат во политичкото, општественото и личното. Во разговор за ТРН, Васева зборува за поврзаноста меѓу проектите, за „истокот“ како можност, за младата сцена, прекарноста во културата и неизвесноста како трајна состојба на современиот свет.
Трн: Три изложби во истата сезона — „ДЕНЕС“, „Истокот е сè уште можен“ и „Билни прилагодувања“. Што ги поврзува овие проекти во твојата кураторска мисла, освен календарот?
Ивана: Она што ги поврзува овие три изложби е долгорочната заложба за развој на простори и плаформи, во и вон уметничкото поле, преку ко-создавање, разговор и критичка и политичка артикулација, во која секогаш сум гравитирала во соработка со други луѓе. Во таа смисла овие три изложби се резултат на таа соработка и заедничко градење и не случајно ги поврзуваат активните чинители во областа на современата визуелна култура: со истакнатиот уметник Оливер Мусовиќ имав чест да соработувам на неговата најнова уметничка фаза во која ги истражува рудералните растенија како трет вид на пејзаж кој ако не се занемари како плевел, е нов екосистем што ја зачувува природата и природниот диверзитет во време на најголема девастација. Но она што мене посебно ме привлече кај овој проект е тоа што тој дава и примери за поинакви организациски модели градени врз принципи на заемна помош, солидарност и соработка, како двигатели на еволуцијата.
„Истокот е сè уште можен“ е потврдување на важната и плодотворна соработка со Модерна галерија и Музејот на современа уметност Метелкова од Љубљана и кураторката Бојана Пишкур, со која би рекла дека делиме сличен светоглед и етички погледи. Оваа изложба ми е исто така драга поради неколку причини, од најинтимно ниво на конечна реализација на студентските желби на презентација на енергичниот и бунтовен поставангарден, неоавангарден уметнички развој, но потиснат во постјугословениот уметнички простор, па сè до некое пошироко политичко и критичко гледање на важноста на „маргините“ на западниот уметнички систем, нивните визии за радикално замислување на сегашноста, но и огромниот потенцијал за радикални скокови од трауматичното секојдневие, како и поврзаноста со практиките од поширокиот исток, од Глобалниот југ, со кој сме слично третирани од хегемониските структури. Двете изложби се во реализација на институцијата каде сум вработена, Музејот на современата уметност од Скопје од која последната изложба заедно ја реализирав со моите драги колеги, уште од факултетските денови, Владимир Јанчевски, Ива Димовски и Благоја Варошанец.
Со ДЕНЕС наградата одбележуваме и мал јубилеј, односно 10 години од кога ние од организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, почнавме да ја организираме оваа единствена награда од овој вид во земјава, награда за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во земјава до 35 години, и од тогаш особено ми е драго дека успеавме наградата да ја издигнеме до постулатите кон кои се приклонуваме – заедничко учење и работење, предизвикувајќи го индивидуалниот и компетитивен пристап, продуцирајќи ја наградата колаборативно и вложувајќи продукциски услови за младите, но и овозможувајќи им на финалистите не само средби и презентации со интернационално жири и продукција на ново дело, туку и други награди. Па така, добитникот/добитничката на наградата „ДЕНЕС“ 2025 добива двомесечен престој во Residency Unlimited во Њујорк во 2026 година, додека останатите двајца уметници – финалисти оваа година добиваат едномесечен престој во Галеријата „Простор“ на организацијата „Културен хаб Хрватска“ во Сплит во 2026 година и самостојна изложба во просторот и самостојна изложба во Скопје во 2026 година.
Но од друга страна, сите овие три изложби и тематски се надоврзуваат на една линија која долго време ја развивам, а тоа е истражување на настани од општествено – политичкото и уметничко минато со идеја да прикаже еманципаторски наративи кои се од колективно значење, како и заложби за егалитарен пристап во современата уметност и култура и еднакви можности за сите.

Трн: Во „Истокот е сè уште можен“ го отвораш прашањето за „истокот“ како можност, не како стереотип. Што е, според тебе, најголемата заблуда кога зборуваме за истокот денес?
Ивана: Со колегите долго време разговараме за тоа што тоа значи истокот денес, посебно означувајќи ја изложбата под наслов кој го акцентира неговото значење – Истокот e сè уште можен. Да, се чини дека е излишно да се зборува за истокот, наспроти западот, после падот на Берлинскиот ѕид и завршувањето на Студената војна во 1989 година, и реставрацијата на капитализмот над социјализмот. Но, од друга страна сè уште е очигледна доминантната геополитичка и економска хиерархизираност која поттикнува нееднаквост, насилство и маргинализација – растечки тензии во регионот, подем на нови автократски режими, непрестајни бегалски кризи, постојани националистички тенденции на Балканот, војна во Украина, нерешеното „палестинско прашање“, како и огромното влијание врз уметничките и културните текови.
Оваа изложба низ призмата на делата од колекцијата „Артист 2000+“ на Модерна галерија, прва и исклучително важна колекција на источноевропска повоена авантаграда создадена на почетокот на 2000-тите, која ја потврдува идејата за повеќето модернoсти (multiple modernities), за разлика од доминантниот западен канон, како и од колекцијата на солидарноста на Музејот на современата уметност во Скопјe, го издигнува на виделина она што го гледаме секојдневно како сеприсутен потенцијал и визија за трансформација и регенерација, но и натежнатото повлекување кон трагедијата на секојдневниот живот. Но ние во оваа изложба не го гледаме тоа како стереотип, недостаток кој треба да го скриеме под притисокот на желбите и амбициите или изгубеност, туку како историски искуства или алтернативни форми на знаење и можност за радикално замислување на сегашноста, како регенерирачки потенцијал за ангажирање со дијалектиката на разочарувањето и можноста. Кураторски го срочивме во реченицата „Уметничките стратегии извлечени од регионот нудат механизми за отпор, колективна меморија и спекулативна имагинација – алатки неопходни за навигација низ распаѓањето на политичките и општествените имагинариуми во ера сè повеќе дефинирана од прекарност“. Меѓу другото, нашата изложба го свртува вниманието кон она што останало од идејата за Источна Европа денес и дали сè уште можеме да зборуваме за „источноевропска уметност“.
Во таа насока, за мене е особено важна потрагата по поинакви уметнички визии и идентитети и во врските со Истокот, како едно поширок маргинализиран уметнички имагинариум, секако критички преиспитувајќи ги и западните стремежи. Дел од таа опсесивна потрага е и заедничкиот текст кој го пишувавме со Бојана Пишкур за движењето на неврзаните и антиколонијалната политика во уметноста и културата на Југославија кој е дел од публикацијата што штотуку излезе за глобалниот издавач Рутлиџ, а уредена од Џонатан Блеквуд и Јасмина Тумбас.

Трн: Голем дел од твојата работа е социјално ангажирана. Дали уметноста денес навистина може да има политичка тежина, или само создава „симболички простор“ кој институциите игнорираат?
Ивана: Потенцијалот на уметноста да предизвикува констелации, да замислува поинакви светови и светогледи, да ја замаглува врската со реалноста, длабоко навлегувајќи во неа, ја мотивира мојата работа постојано иако сите ние, кои делуваме на полето на современата уметност и култура во земјава сме длабоко изморени постојано барајќи сцена за докажување на нејзината важност, а притоа продлабочувајќи ја својата прекарност и неизвесност. На последново, на концептуално рамниште, ме потсети Татјана Дадиќ Динуловиќ, врвна теоретичарка и уметница од областа на сценскиот дизајн, која ја уредува новата програмска линија на Галеријата Колектив од Белград, една исклучително важна уметничко – архитектонска иницијатива во која имам чест да сум дел од уметничкиот совет. Нејзината програма насловена „Скок во неизвесност“ развива уметничко – политичка програма посветена на актуелните превирања во Србија и исклучителните напори и бунтот на студентите со поддршка на многубројните жители. Тематската линија „Скок во неизвесност“ е инспирирана од истоимената фотографија на познатиот југословенски фотограф и уметник Томислав Петернек од 1968 година, која коинцидира со студентската побуна од ‘68ма и која претставува цврста решителност на девојка во костим за капење да скокне, но не се знае каде.
Токму оваа сеприсутна неизвесност и несигурност, на сите општествени нивоа, изискува и сериозно осмислен третман и пристап, а оттаму ќе произлезе и уметничката и институционалната волја и стратегија но и политичката тежина, за која верувам дека секогаш на одредено ниво е присутна. Во случајов би рекла има најмалку пет стратегии на делување надоврзувајќи се на делото на Петернек – едната е делото „Скок во неизвесност“ на Ив Клајн од 1960 година која депиктира скок од прозор на уметникот а претставува слобода и избор стремејќи се кон невозможното – можност за летање, другите дела се „Пад 1“ и „Пад 2“ од 1970 година на Бас Јан Адер, во првата уметникот паѓа од кров и исчезнува во грмушката пред куќата, а во другата паѓа во канал. Секако, може да биде и поглед во неизвесноста или празнината на Каспар Давид Фридрих во „Талкач над морето од магла“ од 1818 година а секако може да биде и илуминација на празнината како урбаните интервенции во форма на перфорации на згради на Гордон Мата Кларк како неочекуван пробив и нови можности или пак отворите на плафони во кои се меша природната и вештачката светлина на Џејмс Турнел…
Трн: Во последните години често зборуваш за условите на работа на уметниците и работничките права во културата. Како се рефлектира таа борба во твоите кураторски избори?
Ивана: Според моето искуство, интензивната, макотрпна и посветена работа на полето на културата неминовно ги поставува прашањата за условите на работа на уметниците и културните работници и работничките права во културата. Знаете, на почетокот на кариерата сите работевме (полу)волонтерски, учевме и се вклучувавме во процеси безрезервно, градевме идеали и верувања и попатно се разочарувавме, но и многу се радувавме. Но, потоа се соочувате со бездна. Не е само проблем што сите индивидуално паѓаат во теснец на економска неиздржливост, нестабилност и социјална незаштитеност, туку едноставно привидот на нормалност во културата е крајно проблематичен. Сфаќате дека единствено што е константно е дека општиот систем континуирано дозволува состојбата во културата да се нарушува, буџетите се намалуваат, културните политики кои се донесуваат ретко се почитуваат а тие пак од друга страна промовираат индивидуализација и конкуренција, институциите се во незавидна состојба, има сериозен недостаток од алтернативни простори… Критичката јавност е слаба и мала и се нажалувате кога ќе прочитате како и со кој интензитет се дискутира во регионот, ако не пошироко. За оваа тематика помалку се чувствувам како во делата на Бас Јан Адер, како во потрага по чудотворното… Би ја спомнала публикацијата „Прекарно за почетници Уметност, труд и како да се дејствува за подобри услови“ која ја напишавме минатата година заедно со Виолета Качакова како сума сумарум од нашиот труд на тематиката и која ги разгледува работничките права на независните уметници и културните работници, како и напорите за подобрување на нивните услови.
Всушност, пред да пристапиме да правиме било што, треба да се запрашаме кои се условите во кои работиме и кого и како вклучуваме во нивното перпетуирање, потврдување а и продлабочување, како придонесуваме за локалниот развој, што градиме со тоа за нас и за другите и каков политички одраз има тоа. Од тука тргнувам во мојата кураторска работа.
Трн: Скопје останува град со недовршена институционална инфраструктура. Дали веруваш дека нов модел на уметничка институција може да се роди „од внатре“, или мора да се гради паралелно и надвор од системот?
Ивана: Тоа се две различни стратегии и изискуваат два различни и животно посветени ангажмани. Најбрзиот одговор би било и двете. Но, најбавниот е ако се стремите кон нов модел на институција, без разлика дали е формиран од органите на државата или од здруженија, асоцијации, колективи итн., кој би бил отворен, инклузивен, еднаков, праведен, плуриверзален, антиколонијален, некапиталистички… мислам дека сте успеале да го промените општествено-политичкиот контекст. Луѓето ги градат институиците и со Качакова пишуваме дека од суштинско значење е да се сфати дека борбата за подобри услови во културниот сектор трае и е постојана. Односно, за да се реши прекарноста со која се соочуваат уметниците и културните работници, како и инфраструктурните проблеми, потребно е и колективно дејствување и реформи во политиката.

Трн: Ако оваа есен е концентрат од три светови, што би сакала да биде твојата следна интервенција — која тема, која болка, кое прашање ти изгледа неизбежно за 2026?
Ивана: Наредната година ќе продолжам да работам на проширувањето на „Секундарна архива“ (SECONDARY ARCHIVE) – архива посветена на уметничките што се идентификуваат жени од Централна и Источна Европа, во која за прв пат минатата година вклучивме 24 уметнички од земјава. Оваа архива, која ја претставува историјата на незападната, европска уметност од перспектива на уметничките, кураторките, мислителките и другите креаторки, кои го опфаќаат периодот по Втората светска војна, па сè до денес, ме иницираше да размислувам и за други проекти. Односно, наметнатото второстепено значење но и знаење, ме поттикна да размислувам на уметнички кои биле маргинализирани, запоставени, заборавени или остануваат малку познати на јавноста покрај артефактите од клучни женски фигури на незападната уметност. Се надевам дека ќе имам можност да развијам и изложбено поставам едно истражување за уметничките родени во првата половина на 20-тиот век во земјава, како и едно пошироко истражување за Другите и се што подразбира поврзано со токсичноста во водата. Секако тука е и 20-тото издание на наградата ДЕНЕС 2026, AKTO 21…